Израелската војска го погоди центарот на Газа со воздушни напади додека во средата објави почеток на „целни оперативни активности“ во две области.
Војската соопшти дека напаѓа „терористички цели, вклучително и воени комплекси, складишта за оружје и подземна инфраструктура“ во Деир ал Балах и Буреј.
Жителите во областа пријавија силно бомбардирање во текот на ноќта.
Израелската војска, исто така, соопшти дека ги продолжува борбите во јужниот град Рафах.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху посети дел од северниот дел на Израел во близина на границата со Либан, каде што израелските сили и борците на Хезболах се во интензивни битки во текот на војната во Газа и ја зголемува загриженоста за проширен регионален конфликт.
„Кој мисли дека може да ни наштети, а ние ќе седиме со скрстени раце, прави голема грешка. Подготвени сме за многу силна акција на северот. На еден или друг начин, ќе ја вратиме безбедноста на север“, рече Нетанјаху.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој се повеќе го критикува израелското водење на војната против милитантите на Хамас во Газа и зголемениот биланс на палестински жртви, во интервју објавено во вторникот рече дека има „секаква причина“ да се верува дека Нетанјаху го одолговлекувал конфликтот за да се спаси политички.
Но, кога подоцна во вторникот беше запрашан дали Нетанјаху си игра политика со војната, Бајден ретерираше, велејќи им на новинарите: „Мислам дека не е така. Тој се обидува да реши сериозен проблем што го има“.