Кинескиот претседател домаќин на Владимир Путин во Пекинг, на почетокот на дводневната посета на рускиот лидер

Тој во средата во интервју за кинеските медиуми рече дека Русија е подготвена да преговара за војната во Украина.

Кинескиот претседател Си Џинпинг е домаќин на рускиот претседател Владимир Путин на разговори во Пекинг, на почетокот на дводневната посета на рускиот лидер.

„Односите меѓу Русија и Кина не се опортунистички и не се насочени против никого. Нашата соработка во меѓународните прашања е еден од стабилизирачките фактори на меѓународната сцена“, изјави Путин.

Тој во средата во интервју за кинеските медиуми рече дека Русија е подготвена да преговара за војната во Украина. Кина вели дека е неутрална страна во конфликтот во Украина, но ја поддржува Русија економски, политички и реторички и одбива да ја осуди офанзивата на Москва.

Патувањето на Путин во Кина е негова прва странска посета откако тој беше реизбран во март за петти мандат на функцијата. Ова е негова втора посета на Кина во последните шест месеци.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи мировен план и Швајцарија треба да биде домаќин на мировните преговори следниот месец, но Русија не беше поканета на состаноците.

Украина бара целосно повлекување на руските сили од Украина, вклучително и од областите за кои Русија тврдеше дека ги анексира, потег што беше отфрлен од меѓународната заедница.