Со симулација на конститутивната седница на идното Собрание, „Европскиот фронт“, коалицијата предводена од ДУИ ја стартуваше кампањата за претстојните парламентарни избори.
Your browser doesn’t support HTML5
Симулацијата, што е невобичаен почеток за една изборна трка, резултираше со избор на Зијадин Села за претседател на парламентот, инаугурација на Бујар Османи за нов шеф на државата и усвоени измени на Уставот за внесување на Бугарите.
Но, она што не беше сумилација е барањето за тоа како во иднина треба да се бира претседателот на Северна Македонија.
„Едногласно ги поддржуваме уставните измени, исто така поддржуваме по пет години актуелниот претседател да покрене иницијатива за шефот на државата да биде избран во Собранието бидејќи тоа е директен одраз на застапеноста на граѓаните во највисокото законодавно тело, ние сме парламентарна република и мора да се практикува парламентарната демократија, за идниот претседател да биде избран од мнозинството пратеници и по принципот на Бадентер“, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.
„Еден премиер за сите“. И „Не на Русија, да за Европа“ ќе бидат слоганите со кои овој „Европски фронт“ ќе ја бара довербата од гласачите. Бујар Османи веќе ја води кампањата под слоганот „Европски претседател“.
„Јас не бев кандидат на една партија, туку бев кандидат на сите заедници кои сонуваа за држава на еднакви можности, и мојот избор за претседател е остварување на долгогодишниот сон за рушење на бариерите кои ги ограничуваа луѓето да сонуваат без граници во оваа земја, па затоа сакам да им се заблагодарам на сите за дадената доверба и поддршка.“, оцени Бујар Османи, кандидат на ДУИ за претседател на Северна Македонија.
Во истовреме, само неколку километри подалеку, во Скопската чаршија, опозициската коалиција на партиите на Албанците која ДУИ ја смета за главен проблем во земјава, ги промовирше своите кандидати за пратеници.
„Коалицијата ќе се залага за целосна децентрализација зашто со тоа ќе имаме посилна држава. Се залагаме за поголем трансфер на власта од централната на локалната власт.“, изјави Билал Касами од Коалицијата „Вреди“.
„Ние сме убедени дека нашата коалиција ќе победи и тоа е добра вест за сите граѓани.“ изјави Африм Гаши од „Коалицијата Вреди“.
Првото одмерување на силите во албанскиот блок ќе биде наредната среда кога се одржува првиот круг од претседателските избори.
Второто соочување ќе биде на парламентарните избори на 8 мај.