Глас на Америка: Г-дине Спасовски, која е причината за вашата посета на Вашингтон? Не е многу вообичаено министер за внатрешни работи да има средби со високи претставници на Стејт Департментот овде во Вашингтон, како со Џејмс О Брајан?
Спасовски: Ова е една од позначајните посети. САД се нашиот стратешки партнер, и кога зборуваме во делот на безбедноста навистина се партнери, преку кои се развива и унапредува безбедноста во Северна Македонија. Имаме многу поддршка не само во делот на опрема, туку и во човечки капацитети, обуки, контакти. Целата посета беше во духот на напредокот на нашите односи, како да се подобри таа соработка што ја имаме. И со претставниците на Одделот за внатрешни работи во САД, со заменик-јавниот обвинител, разговаравме за нашата идна соработка. Приоритетите во делот на безбедноста се сосема идентични. Ми претставува и голема чест што се видов со заменик-државниот секретар, Џејмс О Брајан. Имавме низа теми за коишто разговаравме за иднината на Северна Македонија.
Your browser doesn’t support HTML5
Глас на Америка: Но, токму за овој сегмент - борбата против корупцијата и организираниот криминал, Северна Македонија доби многу лоши оценки не само од Брисел во извештајот на ЕК, туку и од американската администрација - видовме неколкумина нови лица на црната листа.
Спасовски: Секако дека тоа е еден од клучните приоритети. Разговорите и со О Брајан, и со другите виши членови на администрацијата, беа насочени токму на борбата против криминалот и корупцијата. Тоа е здраво да е направи за македонското општество, македонските граѓани. Го информирав господинот О Брајан за активностите што ги презема Владата во овој дел, за подготовка за законски решенија, кои што ќе ги третира лицата коишто се наоѓаат и на црната листа на САД, за неможноста на учество во јавните функции и секако учество на јавните тендери и набавки. Разговаравме и за тоа дека европската перспектива нема алтернатива за Северна Македонија. Треба храбро и одлучно да чекориме на патот кон ЕУ.
Глас на Америка: Чувство е дека државата не успева да се справи, соодветно, да ги санкционира оние кои се огрешиле пред законот. Го делите ли Вие овој став на граѓаните, но и на дел од меѓународната заедница, особено ЕУ и САД?
Факт е дека системот мора да функционира во целост, и не е само истрагата, приведувањето на лицата, туку таа мора да заврши до крај. Значи, да заврши во судскиот систем да има извршуваше на санкцијата, и најважно конфискација на имотот што се стекнал нелегално.Спасовски, министер за внатрешни работи
Спасовски: Секако дека се направи многу на полето на подобрување на системот којшто ќе може ефикасно да одговори, пред се, неселективно и транспарентно, генерално во борбата против криминалот. Кога говориме за борбата против корупцијата, и низ статистички податоци можеме да видиме дека 2023-та беше година во која имаше 50% зголемена ефикасност против корупцијата споредено со 2021-ра. Има околу шест милион евра штета која е откриена од коруптивни случаи. Факт е дека системот мора да функционира во целост, и не е само истрагата, приведувањето на лицата, туку, таа мора да заврши до крај. Значи, да заврши во судскиот систем да има извршуваше на санкцијата, и најважно, конфискација на имотот што се стекнал нелегално. Само така ќе се затвори кругот, и граѓаните ќе почувствуваат дека навистина целиот систем функционира, а довербата расте.
Глас на Америка: Нема да бидете дел од „Пржинската влада“ - вашиот ресор ќе го преземе кадар на опозицијата. Дали тоа значи дека можеби ќе се подготвувате за претседателските избори како кандидат на владејачката коалиција?
Спасовски: Знаете дека законот предвидува формирање на влада која ќе ги подготвува изборите. И во тој систем опозицијата ги има МВР, министерството за труд и социјална политика и други заменици. Апсолутно сметам дека таа влада треба да биде насочена кон организација на изборите да се остави на граѓаните да одлучат. Дебатата за внатре-партиските состојби е отворена по многу прашања. И во однос на кандидатури, давање предлози. Тоа е работа на членовите на СДСМ. За мене е важно оваа европска опција, европски фронт, луѓе коишто размислуваат за иднината, да можат да бидат тие што ќе ја добијат довербата на граѓаните. Личните желби и амбиции на било кој поединец во државата се најмалку важни.
Глас на Америка: Дали тоа значи дека дефинитивно не се гледате себе си како потенцијален претседателски кандидат?
Спасовски: Реков дека било чија лична желба, амбиција е неважна од она што треба да се случува со Северна Македонија. Постапките течат, за нив ќе се разговара во органите на партијата, а најважно е да се одбере најдобриот кандидат за претседател и најдобрите кандидати за пратеници. Треба да се одработи овој концепт кој има јасна визија каде треба да се движи Северна Македонија, наспроти концептот којшто го застапува опозицијата, кои што не знаат дали посакуваат да одиме напред кон ЕУ, или ќе се вратиме назад кон времето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се два спротивставени концепти и јас силно ќе се борам за европскиот.
Глас на Америка: Дали имате нови информации за екстрадицијата на Љупчо Павлески од Турција, за што претседателот Пендаровски пред некој ден најави дека ќе биде многу скоро? Дали е работи за денови, можеби?
Спасовски: Ова е прашање на кое интензивно работиме. Особено министерството за правда, затоа што сите постапки се водат преку нив. Ние сме во постојаната комуникација со колегата Лога, иако, ние преку секторот за меѓународна полициска соработка, сме на дневна комуникација со колегите од Турција. Остануваат уште некои формалности, јас очекувам многу скоро да биде приведено на крај, и да се заврши екстрадицијата.
Глас на Америка: Го делите ли оптимизмот на останатиот дел од раководството на СДСМ дека вашата партија ќе излезе како победник по мајските избори. Анкетите, тоа не го велат.
Останува да работиме посветено, одговорно, да признаеме каде што грешевме. Верувам дека наспроти концептот што значи уназадување, има сериозна предност про-европскиот концепт.Спасовски, министер за внатрешни работи
Спасовски: Јас сум оптимист за концептот што се застапува, бидејќи огромното мнозинство граѓани посакуваат перспективата да ја градат како граѓани на ЕУ. Ако ме прашате дали ќе биде тешко, да ќе биде извонредно тешко затоа што ќе треба целиот концепт да се доближи до граѓаните, и да се направи се, про-европските сили, прогресивните сили, демократските сили коишто знаат да ја водат Северна Македонија, да ја добијат довербата на граѓаните. Останува да работиме посветено, одговорно, да признаеме, каде што грешевме. Верувам дека наспроти концептот што значи уназадување, сериозна предност има про-европскиот концепт.