САД почнаа да испраќаат муниција во Израел, се зголемува бројот на американски жртви

Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот изјави дека најмалку 11 Американци биле убиени во напад на Хамас врз Израел.

Тој исто така рече дека меѓу заложниците кои ги зеде Хамас се верува дека има и американски државјани. Бајден нагласи дека е зголемена безбедноста околу еврејските центри во Америка и дека органите за спроведување на законот следат дали има внатрешни закани поврзани со напад врз Израел.

Бајден планира да и се обрати на јавноста денес во врска со ситуацијата во Израел. Белата куќа објави дека американската влада не планира да испраќа војници во Израел по нападот на Хамас, но дека ќе ги заштити американските интереси во регионот.

Сепак, Америка веќе почна да испорачува муниција и воена опрема во Израел, а Пентагон размислува што друго може брзо да испрати од залихите, изјави во понеделникот официјален претставник на Пентагон. Авионите веќе полетаа, рече претставникот, но не прецизираше за кое оружје станува збор. Тој, исто така, предупреди дека САД внимателно го следат Хезболах и другите групи поддржани од Иран и додаде дека американски бродови се испратени во регионот за да ги спречат овие групи да влезат во Израел или да го потиснат ширењето на конфликтот.

Пентагон објави и дека началникот на Здружениот Генералштаб на вооружените сили на САД Чарлс Браун Џуниор разговарал со началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Халеви за нападот на Хамас и чекорите за зајакнување на американската воена позиција во регионот.

Федералното биро за истраги (ФБИ) објави дека агентите на таа агенција, распоредени во Израел, соработуваат со локалните власти „за да ги лоцираат и идентификуваат засегнатите Американци“.

„Извештаите за загинати, повредени или исчезнати Американци се истражуваат со приоритет и решителност“, се вели во соопштението на ФБИ.

Лидерите на САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија во понеделникот издадоа заедничка изјава во која ги осудија нападите врз Израел и изразија „цврста и обединета поддршка“ за земјата.

„Во наредните денови ќе продолжиме да бидеме обединети и координирани, како сојузници и заеднички пријатели на Израел, за да се осигураме дека тој може да се брани и на крајот да постави услови за мирен и интегриран регион на Блискиот Исток“, се вели во заедничкото соопштение на претседателот Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и премиерите на Италија и Велика Британија, Ѓорѓе Мелони и Риши Сунак.

Борците на исламистичката група Хамас убија 900 Израелци и киднапираа десетици откако ги нападнаа израелските градови во саботата. Тоа е најсмртоносниот упад на израелска територија од нападите на Египет и Сирија пред 50 години. Израел одговори на последниот напад на Хамас со бомбардирање на Газа, при што загинаа стотици Палестинци.

Во меѓувреме, големите авиокомпании ги прекинуваат летовите кон Израел. Меѓу нив се „Американ ерлајнс“, „Јунајтед“ и „Делта“, додека Стејт департментот предупреди да не се патува во регионот поради можност од тероризам и немири. И другите светски авиокомпании ги откажуваат летовите.

Во Брисел, Европската комисија во понеделникот објави дека ќе прегледа 691 милион евра развојна помош за Палестинците и веднаш ќе ги прекине сите плаќања.