Владата на САД се соочува со делумно затворање во недела

Сенатот под контрола на демократите планира процедурално гласање в четврток за да го унапреди планот за финансирање што ќе ја одржи владата целосно отворена до средината на ноември

Владата на САД се соочува со делумно затворање во недела, бидејќи Сенатот и Претставничкиот дом и натаму имаат несогласувања околу висината на буџетот во следните 12 месеци, континуираната помош за Украина во борбата против Русија, имиграциските контроли на американско-мексиканската граница и социјалните програми за помош на сиромашните Американци.

Сенатот под контрола на демократите планира процедурално гласање в четврток за да го унапреди планот за финансирање што ќе ја одржи владата целосно отворена до средината на ноември за да им даде на законодавците повеќе време да ги одредат нивоата на трошоци до септември 2024 година.

Но, спикерот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти, со тесно републиканско мнозинство во неговиот Дом, веќе отфрли да го стави планот на Сенатот на гласање во Претставничкиот дом.

Наместо тоа, Домот продолжува да гласа за амандманите за едногодишните нацрт-закони за средства за четири владини агенции.

Ако не може да се постигне краткорочен договор за финансирањето, повеќе од 4 милиони американски армиски персонал и владини вработени нема да бидат платени, иако основните услуги, како што се местата за контрола на воздушниот сообраќај и граничните влезни точки, сè уште ќе бидат екипирани со персонал.

Пензионерите можеби нема да ги добиваат месечните државни пензии навреме за да ги платат сметките и да купат намирници, а националните паркови би можеле да бидат затворени.

Ваквите делумни затворања на владините институции се случија четири пати во последната деценија во САД, но често траеја само ден или два додека законодавците не постигнат компромис за целосно рестартирање на владините операции.

Но, едно делумно владино затворање што се случи за време на администрацијата на поранешниот претседател Трамп траеше 35 дена додека тој неуспешно бараше финансирање за изградба на Sид долж американско-мексиканската граница.

Додека илјадници мигранти повторно секојдневно ја минуваат југозападната граница на САД, имиграциските контроли остануваат како една од спорните точки во одредувањето на нивоата и политиките на трошење на владата на САД за фискалната година што започнува в недела.

Мекарти постигна договор во мај со претседателот Џо Бајден за трошењата за фискалната 2024 година, но мала фракција на крајно-десничарските републиканци во Претставничкиот дом го отфрлија Договорот и сега бараат дополнителни намалувања на трошоците.