Значителен пораст на нелегални преминувања на границата меѓу САД и Мексико

Американските имиграциски власти објавија значителен пораст на нелегални преминувања на границата меѓу САД и Мексико оваа недела, особено во градот Игл Пас, во Тексас, каде што градоначалникот прогласи вонредна состојба.

Агентите на американската погранична патрола уапсиле околу 9.000 мигранти долж целата граница во период од 24 часа, јавуваат медиумите.

Гласот на Америка побара од пограничната патрола да го потврди бројот на приведувања, но официјален претставник вели дека чекаат да ги објават месечните бројки и не може да коментира. Во средата навечер меѓу 500 и 800 мигранти, главно од Венецуела, чекаа да бидат регистирани од претставници на граничната патрола под меѓународниот мост Игл Пас - Пиедрас Неграс, еден од двата моста во Игл Пас.

Американските имиграциски власти соопштија дека границата меѓу САД и Мексико е затворена за нелегална миграција.

Без правна основа да останат во земјата, мигрантите ќе бидат процесуирани за одвраќање и ќе се соочат со последици кои вклучуваат минимум петгодишна забрана за повторен влез, без можност за законски пат до азил и кривично гонење за повторените престапници.