Нуланд во Нигер на разговори со воената хунта на земјата за смирување на состојбата

Нуланд им рече на новинарите дека се сретнала со „самопрогласениот началник на одбраната“ бригадниот генерал Муса Салау Барму.

Виш американски дипломат го посети Нигер за да ги повика новите воени владетели на нацијата да го вратат на власт демократски избраниот претседател на западноафриканската нација.

Државната потсекретарка за политички прашања Викторија Нуланд изјави на платформата за социјалните медиуми Х, формално позната како Твитер, дека отпатувала во главниот град Ниамеј „да изрази голема загриженост за недемократските обиди за преземање на власта и побара враќање на уставниот поредок“.

https://twitter.com/UnderSecStateP/status/1688696756966662144?s=20

Нуланд на конференциска врска им рече на новинарите дека се сретнала со „самопрогласениот началник на одбраната“ бригадниот генерал Муса Салау Барму и уште тројца воени претставници за време на нејзината посета, опишувајќи ги разговорите како „исклучително искрени и понекогаш доста тешки“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја повтори својата „целосна поддршка за тековните напори за посредување на ЕКОВАС“ и изрази загриженост поради континуираното притворање на претседателот Базум и досегашниот неуспех да се воспостави уставниот поредок во Нигер.

Покрај реакцијата на Обединетите нации, државниот удар беше нашироко осуден од Африканската унија и западните влади.

Претседателот Бајден повика на итно ослободување на претседателот на Нигер Мохамед Базум, додавајќи дека Нигер „се соочува со сериозен предизвик за својата демократија“.

Државниот секретар Блинкен во петокот рече дека САД стопирале некои програми за помош кои беа во корист на владата на Нигер, но рече дека хуманитарната и прехранбената поддршка ќе продолжи.

Стејт департментот во понеделникот соопшти дека прекинатата помош се проценува на повеќе од 100 милиони американски долари и вклучува развојна помош, безбедносна помош и помош за спроведување на законот.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер рече дека суспендирањето на помошта може да биде укинато, доколку воените лидери на Нигер ја вратат избраната влада.

„Доколку водачите на хунтата се повлечат и утре го обноват уставниот поредок, помошта ќе биде воспоставена“, рече тој. Милер рече дека официјалните лица на САД сè уште комуницираат со Базум и дека нивниот последен контакт бил во понеделникот.

Тој исто така рече дека имало и директни контакти на САД со воените лидери на Нигер, повикувајќи ги да се повлечат од власта во Нигер, една од најсиромашните земји во светот, која има највисока стапка на наталитет во Африка и во голема мера зависи од странската помош.

Претседателот на Нигер Мохамед Базум, кој со своето семејство е во домашен притвор од 26 јули, се опиша себеси во колумна на Вашингтон пост во четвртокот како „заложник“ и предупреди дека ако бунтот се покаже успешен, „ќе има катастрофални последици за нашата земја, нашиот регион и целиот свет“.

Тој ја повика „американската влада и целата меѓународна заедница да помогнат да се врати уставниот поредок“ во Нигер.