Претседателот Џо Бајден и вети на Украина дека нејзините западни партнери нема да отстапат од нејзината одбрана во обраќањето во средата по дводневните состаноци со лидерите на самитот на НАТО во Вилнус, пренесоа агенциите.
Според Ен-Би-Си, Бајден вети дека „одбраната на слободата не е работа на еден ден, или една година. Тоа е повик на нашиот животен век - на сите времиња“. „Ние сме подготвени за борбата што претстои“, додаде претседателот на САД. За сојузниците на Украина, тој рече: „Нашето единство нема да поколеба, ви ветувам“.
Ројтерс пренесе дека настанот во Вилнус се покажа како тест на заложбата на Бајден по преземањето на функцијата за санирање на меѓународните односи на Америка, кои го вклучуваат и НАТО, составен од 31 земја, а формиран по Втората светска војна.
На врвот на агендата во Литванија беше руската војна во Украина, која беснее на прагот на НАТО речиси 18 месеци.
„Нашата посветеност кон Украина нема да ослабне. Ќе се залагаме за слобода - денес, утре и онолку долго колку што е потребно“, изјави Бајден.
Претседателот рече дека светот е на крстопат, а слободата зависи од глобалните сојузништва на Америка. „Се соочуваме со избор меѓу свет дефиниран со принуда и експлоатација, или свет каде што признаваме дека нашиот сопствен успех е поврзан со успехот на другите - кога другите прават подобро, ние правиме и подобро. “, рече Бајден.
Тој додаде: „идејата дека САД би можеле да напредуваат без безбедна Европа, не е разумна“.
Официјален претставник на Белата куќа најави претходно дека во говорот, претседателот на САД ќе ја нагласи „силата на НАТО алијансата и како таа останува сила за глобална безбедност и стабилност“.