Хантер Бајден се изјасни за виновен за затајување данок и нелегално поседување оружје

Синот на претседателот Џо Бајден, Хантер Бајден, се согласи да се изјасни за виновен за затајување на федералниот данок на доход и призна дека нелегално поседувал пиштол, соопшти обвинителството во Делавер.

53-годишниот Хантер Бајден, чии бизниси со години биле предмет на критики од републиканските членови на Конгресот, признал дека поседувал пиштол додека бил корисник на дрога.

Синот на претседателот постигна договор за признавање вина со канцеларијата на обвинителството во неговата родна држава Делавер, но договорот допрва треба да биде одобрен од федерален судија. Малку е веројатно дека Хантер Бајден ќе биде осуден на затворска казна.

Претседателот Бајден и неговата сопруга Џил објавија кратка изјава откако се појавија вести дека Хантер се договорил со обвинителите.

„Претседателот и првата дама го сакаат и го поддржуваат својот син“, рече портпаролот на Белата куќа Иан Самс, додавајќи дека нема дополнителни коментари.

Федералниот обвинител Дејвид Вајс рече дека Хантер Бајден се согласил да се изјасни за виновен „по две точки од обвинението за свесно затајување на федералниот данок на доход“.

Според обвиненијата, Бајден не поднел даноци за заработка од повеќе од 1,5 милиони долари за 2017 и 2018 година. Во двете тие години, тој должел повеќе од 100.000 долари за данок на доход.

Секоја точка носи затворска казна до 12 месеци и парична казна од 100.000 долари, или двојно повеќе од приходите од прекршувањето.

Вајс рече дека Хантер Бајден се соочил и со едно обвинение за „поседување огнено оружје од лице зависно од психоактивна контролирана супстанција“.

Со години, Хантер Бајден е во центарот на немилосрдните напади на поранешниот претседател Доналд Трамп и неговите републикански сојузници, кои го обвинуваат за криминални дејствија во деловните зделки, вклучувајќи ги Украина и Кина. Хантер има работено како лобист, адвокат, инвестициски банкар и уметник, и јавно ги раскажуваше своите борби со зависноста од дрога.

Во декември 2020 година, тој објави дека канцеларијата на Д.А. Вајс ги истражува неговите даночни плаќања и во тоа време тој се изјасни за невин.

Во своите мемоари од 2021 година, тој пишуваше за неговите борби со зависноста, вклучително и употребата на крек кокаин и алкохолизмот. Во 2014 година, тој беше отпуштен од резервниот состав на американската морнарица откако беше позитивен на тестот за кокаин.

Истрагата на Вајс првично истражуваше потенцијални прекршувања на законите за даноци и перење пари во деловните операции на Хантер во странство, особено во Кина, се вели во анкетата на Ројтерс. Истрагата предводена од Вајс започна во 2018 година, јавуваат американските медиуми.

Во 2022 година, истакнатиот републикански конгресмен Џејмс Комер го обвини Министерството за финансии дека „задржува извештаи за сомнителни финансиски активности“ за да го заштити синот на претседателот.

Хантер Бајден нема да се соочи со судење за обвинението за оружје, туку ќе помине низ процес кој често вклучува задолжително психолошко советување или рехабилитација.

Кристофер Кларк, адвокатот на Хантер Бајден, во изјава за американските медиуми изјави дека Хантер „ќе ја преземе одговорноста за два случаи на даночно затајување“.

„Знам дека Хантер верува дека е важно да ја преземе одговорноста за грешките што ги направил за време на неговата животна криза и зависност“, рече Кларк.

„Тој е среќен што може да продолжи со закрепнувањето и да оди напред“, додаде тој.

Поранешниот републикански претседател Доналд Трамп, кој е федерално обвинет за лошо постапување со владините тајни, остро го критикуваше договорот за признавање на вината на Хантер Бајден со обвинителите, велејќи дека ќе добие „само симболична казна“.

„Нашиот систем не работи!“, објави Трамп на својата социјална мрежа Трут Сошал.

Некои информации за оваа содржина дојдоа од агенциите Франс Прес и Ројтерс.