ВМРО ДПМНЕ бара од СДСМ да се изјасни кој предлог е прифатлив пред формирање на работна група

За премиерот Ковачевски, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски превзел обврска да учествува во носењето на уставните измени и тоа јавно го соопштил по средбата во Клубот на пратениците и тоа било шок за членството на опозициската партија


СКОПЈЕ – Владеачката СДСМ и опозициската ВМРО – ДПМНЕ со различни ставови околу разговараното и начелно договореното на лидерската средба која се одржа во средата во Клубот на пратениците. Опозициската ВМРО – ДПМНЕ бара од СДСМ да се изјасни кој од двата предлози се прифатливи за владечката СДСМ пред да се формираат работни групи, за СДСМ пак се нејасни изјавите на Мицкоски од партиски митинзи по јавно кажаното и дека партијата ќе учествува во процесот на носење на уставните измени.

За работните групи на СДСМ да имаат смисла, партијата мора да каже кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив, во спротивно нема потреба од понатамошни преговори и губење на време, соопшти денес членот на Извршниот комитет Антонијо Млошоски.

„Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ јасно му укажа на Ковачевски дека вакви уставни измени диктирани од официјална Софија како уцена се неприфатливи. Доколку СДСМ прифати се сменат околностите и тие да важат од денот на зачленување во ЕУ тогаш може да се разговара на оваа тема под услов ДУИ да се детронизира комплетно од власта. Ако ДУИ и СДСМ го прифатат овој предлог за да имаме уставни измени од денот на членство во ЕУ и заминување на ДУИ од сите ешалони на власта тогаш има смисла да формираме за работни групи и да разговараме. Доколку за нив овој предлог не е прифатлив или не прифаќаат предвремени избори во септември или октомври бесмислено е да трошиме време на работни групи и залудно да ги малтретираме граѓаните“, изјави Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО – ДПМНЕ.

Премиерот Димитар Ковачевски пак му порача на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски доколку се повлекува од потврдата дека ќе учествува во процесот на носење на уставни измени како што јавно соопшти по средбата во Клубот на пратениците, да го каже тоа на официјална средба, а не до митинзи и слични настани.

„Сметам дека треба да размислат уште малку. Им дојде како шок на ВМРО – ДПМНЕ. По една година кога правите простести и велите дека сте браникот и никогаш нема да прифатите уставни промени и одеднаш вашиот претседател ќе каже дека уставните измени се прифатливи, сметам дека тие треба да останат во процесот. Работните групи се вистинската форма во кој треба да се продолжи за договарање на сите детали. Јас и тој бевме јасни на прес конференцијата. ДУИ беа многу јасни во нивното соопштение. Превземените обврски предвидуваат посветеност“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Првиот предлог на ВМРО – ДПМНЕ е преодна влада без ДУИ, излегување на ДУИ од сите ешалони, и уставни измени кои би стапиле на сила само на денот на членството на Македонија во ЕУ и гаранции дека и Бугарија ќе биде активно заинтересирана за наше вклучување во ЕУ, и дека Северна Македонија ќе добие одредена извесност дека нема да има понатамошни бугарски ирационални блокади.

Вториот предлог на опозицијата е предвремени избори оваа есен, потоа да се обезбедат гаранции од европските институции за заштита на националните интереси на Македонија, со тоа што ќе се гарантира идентитетот, но истовремено ќе се дадат и осигурувања дека државата повторно нема да ги има секоја година ирационалните блокади од Бугарија. Дополнително, по изборите новиот премиер на Северна Македонија ќе побара и економски пакет за подобар стандард во државата од страна на Европската Комисија,а од Бугарија заради добрососедство би побарале исполнување на 3 пресуди од ЕСЧП во Стразбур кои што се веќе правосилни, по избор на официјална Софија.