Борбата против корупција е со разочарувачко темпо, порача евроамбасадорот Гир

Борбата против корупцијата е клучна за преговорите со Европската унија, за спречување на одливот на младите и за функционирање на институциите и системот, но темпото во Северна Македонија е многу бавно. Институциите мора да почнат да ги спроведуваат препораките и наодите во извештаите на Европската Комисија и Антикорупциската комисија и да ги спроведуваат предивдените мерки со Националната стратегија за борба против корупцијата


СКОПЈЕ – Темпото на спроведување на мерките и препораките како и на наодите од извештаите на ревелантните институции за борба против корупција е бавно, спроведувањетона активностите од Националната стратегија е разочарувачко а државните институции речиси и да немаат интерес да превземат одговорност и да ги спроведат мерките на кои се обврзале. Ова се оценките на вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и европамбасадорот Дејвид Гир за борбата против корупцијата во Северна Македонија.

Борбата против корупција е клучна во преговорите со ЕУ но државните институции не се респонзивни на наодите во извештаите и тоа мора да се смени.

„Треба многу посериозно и многу попосветено институциите да си ја преземат одговорноста за исполнување на обврските. Тоа се детектирани активности заедно со институциите коишто се согласиле, детектирале дека е тоа потребно за нив и заради тоа треба да ги спроведат колку што е можно побрзо“, изјави вицепремиерката Грковска.

Борбата против корупцијата е клучна во преговорите со ЕУ и будно се мониторира на европските институции. Борбата против корупцијата како и владеењето на правото е еден од начините да се задржат младите во државата, смета евроамбасадорот Дејвид Гир и додава дека препораките ниту се почитуваат ниту пак се постапува по нив.

„Иако е постигнат одреден напредок подобрувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата останува на разочарувачко ниво. Во извештајот на Европската комисија има јасни насоки што треба да се прави и кои се приоритетите. Сите ги знаеме, но досега премалку е постигнато. Нивото на имплементација е недоволно“, изјави евроамбасадорот Гир.

Во декември минатата година, вицепремиерката Грковска им наложила на министерствата и институциите да достават извештаи кои мерки ќе ги превземат во текот на оваа година во однос на препораките и наодите на ЕК, Националната стратегија и Антикорупциската комисија.

„Дел од институциите беа навистина агилни и навремено одговорија на задолженијата и ги испратија бараните информации. Некои испратија генерални забелешки. Со оние кои не доставија имавме поединечни состаноци за да ги детектираме заедно активностите. Сакам да посочам дека институциите мора да бида подооговорни и поагилни затоа што од нас зависи прогресот на државата. Ги баравме мерките за да знаеме кои се мерките и активностите кои секоја институција ќе ги превзме“, рече Грковска.

Евроамбасадорот Гир порача дека Собранието мора да го разгледа извештајот на Антикорупциска за 2021 година и побара подобра ефикасност на обвинителството и борба против корупцијата на сите нивоа. Зајакнување на капацитетите и на интегритетот на судството и Обвинителството е клучно во борбата против корупцијата.

„Имаме ситуации кога одредени судски предмети застарија. Судството треба да постапува независно а обвинителите со интергитет и без никакви политички притисоци. Судството мора да ја поврати довербата на граѓаните. За земјата е особено важно да се зајакнат ресурсите на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Потребни се кончени пресуди за највисоките случаи на корупција“, порача евроамбасадорот Гир.

Очајна реализација на мерките и активностите кои се предвидени со националната стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси покажа анализата на Антикорупциската комисија. Само 10 отсто од активностите планирани со акцискиот план се завршени во 2022 година односно од 165 предвидени активности реализирани се 17 активности, 58 се во тек на реализација а 90 воопшто не се реализирани. Во Националната стратегија се детектирани 54 проблеми и предвидени се 111 мерки и 191 активност која треба да ја првземат државните институции.