Бесими: Убеден сум дека изградбата на автопатишта неколкукратно ќе го подобри економскиот раст

Во интервју за Гласот на Америка, министерот за финансии Фатмир Бесими е убеден дека изградбата на автопатишта неколкукратно ќе ја подобри економската позиција. Тој економски раст треба да се дуплира од 2.5 на 5 отсто просечен годишен раст во наредните пет години и со тоа ќе се искачи на едно повисоко ниво на динамика на раст на економијата на среден и долг рок.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Фатмир Бесими, ја предводат делегацијата од С.Македонија која што учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД.

Your browser doesn’t support HTML5

Бесими: Економскиот раст треба да се дуплира од 2.5 на 5 отсто во наредните пет години

Глас на Америка: Со оглед на глобалната инфлација или финансиска криза која продолжува во континуитет, прво пандемијата, сега руско-украинскиот конфликт, какви мерки и политики се донесени или планирате да донесете и каква е стратегијата околу антикризни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството како што имаше за време на пандемијата?

Фатмир Бесими: Во однос на кризата за 2023 година, планиравме дополнителни средства за оваа намена околу 225 милиони евра или околу 1.5 отсто од бруто домашниот производ од вкупно 4.6 отсто од буџетскиот дефицит, значи 1.5 отсто припаѓа на овие мерки. Предвидени се средства за енергетскиот сектор во однос на субвенционирање на електричната енергија за домаќинствата, потоа има предвидени средства доколку е потребно за стопанството, како и мерки кои одат за поволни кредити преку развојната банка, но и за програмите за социјална помош како што е гарантираниот приход и средства за мерки кои би се појавиле како што беше случајот со поддршка на стопанството, посебно на малите и средни претпријатија кога се одеше со субвенционирана цена за критична енергија во одреден временски период за тие да можат да обезбедат пониски трошоци за нивното производство. Исто така се користат мерки кои служат како административни времени мерки во однос на ограничување или плафонирање на цените, со цел да се стабилизираат очекувањата и тие се административни краткорочни мерки кои се надвор од пазарната практика, а користиме и други мерки во однос на очекувањата за инфлација да се стабилизира. Најглавно е тоа што одиме со фискална консултација, а тоа е намалување на дефицитот од 8.2 отсто кога беше за време на ковид кризата, минатата година стигнавем до 4.3 отсот, додека за оваа година е планирано тој да изнесува 4.6 отсто, но најверојатно ќе биде околу 4 отсто или помалку.

Глас на Америка: Македонската директна изложеност кон украинската или руската економија е мала, но во една ваша анализа правите паралела како сето тоа може да има негативни ефекти, кои главно доаѓаат преку европската и глобалната економија.

Фатмир Бесими: Ние сме мала и отворена економија, надворешната трговија опфаќа 140 отсто од БДП од кои 80 проценти е со Европската Унија кои се главни трговски партнери каде што е најмногу погодена од кризата во Украина и доплнителен ефект на тоа освен енергетските ресурси од кои сме ние увозно зависни, но и за прехранбената индустрија каде што 50 проценти од прехранбените производи се увезуваат а тие самите по себе сочинуваат околу 40 отсто од трошоците за живот. Во тој поглед се очекува тоа што се случува на европските пазари да се пренесе и кај нас и затоа ние користиме толку механизми и инструменти за да можеме да се заштитиме.

Глас на Америка: Неизбежно е да ве прашам за изградбата на нови автопатишта која предизвика бурни реакции и кај јавноста и кај опозицијата. Изминатата недела започна најголемата градежна офанзива, изградба на четирите автопати долж Коридорот 8 и Коридорот 10. Знаеме дека инфраструктурата е многу важна, но како ќе се увери македонската јавност дека овој проект нема да заврши како автопатот Кичево-Охрид?

Фатмир Бесими: Ќе треба да чекаме пет години за да ја видиме ефикасната реализација. Јас ја разбирам јавноста, во смисла на тоа дека имала лошо искуство во минатото но, секако дека ова е една одлична шанса, можеби единствена за кратко време да се направи квалитетен автопат на оваа важна делница. Со коридорот 10 и коридорот 8, нашата земја станува крстосница на трговските патишта, клучните пан европски коридори, и тоа е геостратешки важно за целиот регион не само за нашата економија. Од тој аспект апсолутно сум убеден дека овој проект неколкукратно ќе ја подобри економската позиција и економскиот раст, 2 отсто од номиналниот бруто домашен производ на годишно ниво е износот од овој проект, што значи дека во наредните пет години ќе опфати околу 10 отсто од БДП и од тој аспект сметам дека проектот е од исклучителна важност. Исто така е важно околу оваа дебата, да се расчистат дилемите затоа што законите се пред нас и треба да се реализира овој проект кој е од исклучителна важност и за економијата, и за државата но и граѓаните затоа што тоа не само економски туку ќе го подобри и квалитетот на живеење.

Глас на Америка: Имате ли план како да го забрзате економскиот раст?

Фатмир Бесими: Коридорот 8 и 10, транспортната инфраструкура, автопатиштата и железницата. Тука е и железничката пруга на дел од коридорот 8, покрај тоа тука спаѓа и модернизација на железницата на коридорот 10, инфраструктурните проекти во областа на енергетската безбедност и независност како и други инвестиции, дефакто е нашиот план за забрзан економски раст каде што преку зголемување на инвестициите во буџетот веќе имаме историско највисоко ниво на капитални расходи, 5.3 отсто од БДП за разлика од просекот во минатот кој се движеше од 2 до 2.5 отсто. Исто така имаме и поддршка на програмите за инвестиции во приватниот сектор и очекуваме дека инвестициите во наредните пет години да стигнат на 39 отсто од БДП и на тој начин ќе се генерираат дополнителни работни места и тој економски раст да се дуплира од 2.5 на 5 отсто просечен годишен раст во наредните пет години и тоа да биде едно повисоко ниво на динамика на раст на економијата на среден и долг рок.