Спикерот на Претставничкиот дом на САД Кевин Мекарти, вети „одлучна, непоколеблива и двопартиска“ поддршка за Тајван, откако вчера одржа разговори со тајванскиот претседател Цаи Инг-вен во Калифорнија.
„Верувам дека нашата врска сега е посилна отколку во кое било време или момент во мојот живот“, рече тој на заедничката прес-конференција со Цаи.
Состанокот вклучуваше двопартиска конгресна делегација.
„Нивното присуство и непоколебливата поддршка го уверуваат народот на Тајван дека не сме изолирани. И ние не сме сами“, рече Цаи.
Таа, исто така, предупреди дека воените закани од Кина, која тврди дека Тајван е дел од нејзината територија, „не можат да бидат потценети“. Таа рече дека Тајван бара „мирен статус кво“ и „се стреми да биде сигурен партнер на светот“.
Разговорите предизвикаа противење од Кина. Пекинг најави заедничка операција на крстарење и патрола во северно-централниот дел на Тајванскиот теснец.
Се верува дека операциите се укор за Тајван за патувањето на Цаи во САД.
„Ова не е нашата намера да ескалираме“, им рече Мекарти на новинарите. „Сакаме да продолжиме да ја градиме и негуваме демократијата и слободата. Не треба да има страв“.
Демократскиот конгресмен Сет Мултон, член на Избраната комисија на Претставничкиот дом за Кина, изјави за Гласот на Америка дека состанокот во средата бил за унапредување на соработката меѓу САД и Тајван.
„Нашата заедничка цел е да спречиме војна за Тајван, за која Шји Џјинпинг рече дека ја сака. Значи, тоа значи одвраќање за широк спектар прашања: воено одвраќање, но исто така и економско одвраќање, трговска политика, многу различни начини на кои можеме да ги зајакнеме нашите сојузнички односи во Југоисточна Азија“, рече Мултон.
Хаким Џефрис, лидер на демократското малцинство во Претставничкиот дом, рече дека исто така се сретнал со Цаи минатата недела во Њујорк.
„Имавме многу продуктивен разговор за меѓусебната безбедност и економските интереси меѓу Америка и Тајван“, рече Џефрис. „Разговаравме и за нашата заедничка посветеност на демократијата и слободата“.
Џефрис во изјавата рече дека неговата средба со Цаи „е во согласност и не претставува никакво отстапување од долгогодишните неофицијални односи меѓу САД и Тајван“.
САД имаат политика „Една Кина“, која признава дека Пекинг го смета Тајван за дел од Кина. Но, сепак испраќа воена помош до самоуправниот остров за да му помогне да се одбрани.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД воено ќе го бранат Тајван доколку Кина го нападне, иако САД брзо рекоа дека нивната политика на „Една Кина“ не е променета.
Мекарти им рече на новинарите дека би сакал администрацијата на Бајден да го забрза трансферот на системи за испорака на оружје во Тајван.
Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Франс-прес и Ројтерс