Во напад со руско беспилотно летало загинале три лица во регионот на Киев

Украинските власти соопштија дека во денешниот напад на руско беспилотно летало загинале најмалку три лица во регионот на Киев.

Државната служба за итни случаи соопшти дека во нападот бил погоден училишен објект во Ржишчив, на околу 60 километри јужно од главниот град, при што биле оштетени два студентски домови и образовна зграда.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес напиша на Твитер дека во руските напади во текот на ноќта биле употребени „20 ирански беспилотни летала и проектили“.

„Секогаш кога некој ќе се обиде да го слушне зборот „мир“ во Москва, таму се дава друга наредба за такви криминални напади“, рече Зеленски.

Украинскиот лидер рече дека успехот на неговите сили „го доближува мирот“ и повика на глобално единство и почитување на санкциите насочени кон Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот го пофали мировниот план подготвен од Кина додека беше домаќин на кинескиот лидер Шји Џјинпинг, истовремено повторувајќи го својот став дека Украина и нејзините западни партнери не се подготвени да се вклучат во мировни преговори.

Зеленски рече дека мировните преговори може да се случат само откако Русија ќе ги повлече сите свои војници од украинска територија.

Некои материјали во овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.