Бахмут има повеќе симболична отколку стратешка вредност, рече Остин

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денес изјави дека доколку руските војници успеат да ја преземат контролата врз источниот украински град Бахмут, тоа нема да претставува одлучувачка промена во конфликтот.

„Мислам дека тоа е повеќе симболична отколку стратешка и оперативна вредност“, им рече Остин на новинарите за време на посетата на Јордан.

Остин рече дека нема да ја смета одлуката на Украина за репозиционирање на своите војници на запад од градот како стратешко назадување за Украина.

Денес украинската војска објави нова серија руски напади користејќи беспилотни летала произведени од Иран.

Украинското министерство за одбрана објави на Твитер дека нивните сили собориле 13 од 15 беспилотни летала.

Русија ги користеше беспилотните летала Шахед за да удри во цели во области низ Украина, вклучително и инфраструктурни локации.

Во меѓувреме, Русија соопшти дека министерот за одбрана Сергеј Шојгу ги посетил руските војници и медицинскиот центар во понеделникот во јужна Украина.

Министерството за одбрана соопшти дека неговата посета на Мариупол вклучувала обиколка на градот, со цел да ги надгледува напорите за реконструкција.

Министерството не прецизираше кога била извршена посетата.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП и Ројтерс