Шолц во посета на Белата куќа, Украина во фокусот на разговорите

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе го пречека германскиот канцелар Олаф Шолц во Белата куќа каде се очекува да разговараат за континуираната поддршка за Украина и билатералната соработка за низа глобални безбедносни и економски прашања.

Лидерите првпат се состанаа во февруари минатата година, веднаш откако Шолц ја превзеде функцијата, а посетата доаѓа по одбележувањето на една година од руската инвазија на Украина.

„Тесно ја координиравме нашата поддршка за Украина во текот на овој конфликт, вклучително и преку заеднички најави во јануари за обезбедување на борбени возила и тенкови“, им рече на новинарите портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби за време на вчерашниот брифинг.

„Германија обезбеди значителна поддршка за воздушната одбрана на Украина, вклучително и со Патриот; системот за воздушна одбрана“, рече тој.

Кирби рече дека разговорот за дополнителна поддршка за Украина е високо на агендата на денешниот состанок. Тој, исто така, рече дека САД ќе објават нов пакет воена помош за Украина подоцна во текот на денот.

Шолц во четвртокот се обрати пред германскиот парламент, повикувајќи ја Кина да го искористи своето влијание врз Русија за да ја убеди да ги повлече своите трупи од Украина и да не и дава на Москва дополнително оружје.

Говорејќи пред новинарите во Берлин пред неговото заминување за Вашингтон, Шолц беше запрашан зошто патува во Вашингтон и зошто сака да се сретне лично со Бајден кога би можеле да го имаат истиот разговор преку видео врска.

Тој рече дека двајцата лидери разговараат по телефон редовно, но средбата лице в лице „е дел од квалитетот на нашата врска“.

Тој рече дека тоа го гледа како неопходност во свет „каде што многу работи станаа многу комплицирани“.

Некои информации за овој извештај се Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.