Амбасадорот во Обединетите нации (ОН) во Њујорк Љубомир Фрчкоски, вели дека е важно што во извештаите на ОН постои македонско малцинство во Бугарија и оти бугарската позиција во однос на ова прашање нема влијание.
Фрчкоски вели дека е прашање на факти, а не на политички изјави, дали постои или не одредено малцинство.
„Тоа е прашање на факти кои се утврдуваат со меѓународни извештаи и фактографско пишување на меѓународни организации. А фактите се дека дел од извештатите на ОН евидентираат оти ова малцинство постои, дел од извештаите на Стејт департментот, дел од извештаите на групите за права на малцинствата и сите извештаи од Европската Унија. Тоа е прво, и второ се пресудите на Судот во Стразбур“, изјави Фрчкоски за Гласот на Америка на македонски.
На прашањето дали како амбасадор во ОН ќе покрене иницијатива за осуда на Бугарија оти не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права да дозволи регистрација на здруженија кои што имаат за цел признавање на македонското малцинство, Фрчкоски рече:
„Такви резолуции околу мацинските права не се дојдени сега на третиот комитет, но кога ќе дојдат ние ќе имаме јасен став околу постоењето на тие малцинства и почитувањето на нивните права, со една посебна тежина како земја која тоа го прави во својата држава. Во таа смисла, кога ќе дојде моментот и местото за тоа, ние ќе бидеме навистина за правата на малцинствата и посебно за нашето во соседните земји“.
Според Фрчкоски, главната линија за признавање на малцинствата и борбата за нивните права оди преку стандардите на ЕУ и пресудите на Стразбур, оти постапката во ОН е „многу подолга, многу покомплицирана и многу поблага во однос на резултатот“.
Но, битно е, вели тој, што во ОН се регистрирани поплаки во однос на правата на македонското малцинство во Бугарија.
„Ние сме на страната на земјите кои ги почитуваат стандардите, кои успеале да направат дури неверојатни договори кај идентитетските прашања. Од таа страна и од таа позиција нашиот збор тежи, нашите збор и влијание имаат сосема друга улога отколку како земја која не коже да си ги реши проблемите. Она што мислиме да го направиме е да одржиме едно ниво на присутност и јасност кое историски дефинитивно има право и на краток рок да ја освои својата вистина. Конечно да победи“, рече Фрчкоски.
Во август минатата година, Канцеларијата за човекови права на ОН, за Гласот на Америка на македонски, рече дека согласно извештај што независен експерт на ОН за малцински прашања го претставил до Советот за човекови права во јули 2011 година, Владата на Бугарија треба да ги заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.
„Извештајот ја повикува бугарската Влада да ги обезбеди и заштити правата загарантирани во уставните одредби на земјата за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучително и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство. Извештајот, исто така, нагласува дека политиките кои се однесуваат на признавањето и правата на малцинските групи мора да се проценат во однос на обврските на државата, согласно меѓународниот закон за човекови права“, изјави тогаш Канцеларијата за човекови права на ОН.
Овој извештај забележа дека Владата на Бугарија „негира постоење на етничко македонското малцинство“, тврдејќи дека припадниците на оваа заедница се всушност етнички Бугари.
Во него се вели и дека „македонскиот јазик не се признава ниту се учи во училиштата и Македонците не се застапени во Националниот совет за соработка на етничките и интегративните прашања“.
Канцеларијата за човекови права на ОН рече дека правата на малцинствата се заштитени со различни договори за човекови права, вклучително и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, а како потписник на двата договора, Бугарија има обврска да ги почитува обврските кои произлегуваат од нив.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур на крајот на јануари, пак, соопшти дека во текот на 2022 година донел 27 пресуди за Бугарија, а во 25 од нив било утврдено прекршување на човековите права.
Your browser doesn’t support HTML5
Суд за воени злосторства во Украина можен до крајот на годината
Генералното собрание на ОН минатата недела донесе резолуција со која ја повика Русија итно да ги повлече војниците од Украина. Северна Македонија е коспонзор на таа резолуција.
Фрчкоски рече дека најважен член во неа е барањето одговорност за кривичните дела сторени на територијата на Украина, преку фер и независни истраги и обвиненија, на национално или меѓународно ниво.
„Одговорноста е многу важна. Ако Русија се извлече со војната, па дури и со некаков мировен договор, без да плати цена за агресијата, тоа ќе биде многу, многу лоша порака за малите и средните земји, за меѓународното право и за целокупниот меѓународен правен поредок“, рече Фрчкоски.
Тој рече дека расправата за формирање специјален суд ќе се одвива оваа пролет.
„ Кога ја отворате Пандорината кутија, кога сте агресивна сила која окупира друга држава, тоа е главното злосторство. Тоа ги овозможува понатаму и воените злосторства и злосторствата против човештвото“, вели Фрчкоски.
Тој верува дека судот може да се формира до крајот на оваа година, бидејќи ќе се прескокне Советот за безбедност и ќе се оди директно на Генерално собрание каде Русите не можат да блокираат.
„Единствено решение е специјален суд. Тој се прави со договор на Генералното собрание и Украина, потоа се носи резолуција за формирање на тој суд и тој суд како институција се формира, земјите донираат пари за формирање и така натака, и тој почнува со процедура- собирање на факти, има обвинител кој ги собира фактите и тоа може да трае“, рече Фрчкоски.
Сериозна руска операција на Балканот
Притисокот на словенските држави на Балканот е секогаш голем, вели Фрчкоски за руското влијание и безбедносниот ризик во регионот.
„Погледнете го јавното мислење во Бугарија. Бугарија е земја-членка на НАТО и Европската Унија. Околу 70 отсто од нивните испитувања на јавното мислење велат и мислат дека НАТО е крив за војната во Украина. Имате неверојатен став на јавноста во Бугарија околу војната и кој е виновен, односно, под наводници, проруски став“, вели тој.
Според него, важен е карактерот на државата, каде е членка и како е поврзана.
„Србија седи на две столици, 50-50, Босна во еден дел, посебно Република Српска е целосно проруска. Во Црна Гора јавноста е поделена слично во оваа тензија. Во таа смисла, руските финансиски операции и во Македонија се присутни. Ние имаме, како што владата два-трипати кажуваше, серија на откривање на тоа каде завршуваат руските пари, во кои политички партии и политички дестабилизирања“, рече Фрчкоски, нагласувајќи дека таа операција во регионот е сериозна.