Украина бара Ф-16, Бајден ги отфрли ваквите барања

Украина продолжува со барањата од сојузниците да ги снабдуваат украинските сили со борбени авиони и покрај најновата проценка на САД дека обезбедувањето на нејзините ловци Ф-16 во овој момент нема да биде соодветно.

„Секоја дискусија за снабдување на Украина со нов, клучен вид оружје започна со „не“ и заврши со „да“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во петокот во интервју за Еј-Би-Си њуз дека во врска со прашањето за обезбедување Ф-16 на Украина „засега го отфрла тоа“.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави за Ен-Би-Си во неделата дека американските воени команданти веруваат дека она што сега и треба на Украина се „тенкови и оклопни транспортери како и борбени возила на пешадија, артилерија и системи за противвоздушна одбрана таму на линијата на фронтот.“

„Оваа фаза се однесува на копнена борба и можност да ги имаат алатките во рацете на Украинците за да ја вратат територијата што Русите ја окупираат“, рече Саливан.

Тој, исто така, рече дека сојузниците и обезбедуваат на Украина резервни делови за ловците МиГ-29 и СУ-27 од советската ера, кои украинските пилоти ги користат секој ден.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денес изјави дека разговорите со Шведска и Финска за нивните кандидатури за влез во НАТО ќе продолжат следниот месец.

Чавушоглу на прес-конференција рече дека состанокот е закажан за 9 март.

Во јануари, Турција ги прекина разговорите како одговор на демонстрантите што запалија Куран пред турската амбасада во Стокхолм.

Шведска и Финска поднесоа барање за влез во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина минатата година. Сите постоечки членки на НАТО мора да ги одобрат нивните кандидатури.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече за време на посетата на Турција претходно овој месец „дојде време“ да се ратификуваат и Шведска и Финска како нови членки на НАТО. Само Турција и Унгарија допрва треба да дадат одобрение.

Столтенберг ја истакна „легитимната загриженост за безбедноста“ на Турција, истовремено велејќи дека Шведска и Финска „направиле големи чекори“ кон исполнување на нивните обврски од договорот постигнат во Мадрид минатата година.

Шефот на НАТО утре треба да ја посети Финска.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс