Бугарски историчари и домашни претставници на граѓанскиот сектор во мисија на смирување на односите меѓу Бугарија и земјава кои бележат надолен тренд по инцидентите со бугарските клубови, нападот врз Христијан Пендиков, одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев... Како форум каде ќе се изнесат помирливите изјави беше искористена завршна конференција на темата „Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“. Историчарот Димитар Атаносв ги критикува и двете страни, смета дека Бугарија прва почнала со негативната кампања и, како што вели, ја предводат претседателот Радев и тајните служби.
„Знаеме дека и од двете страни на границата има партии со кратенката ВМРО, од македонска страна тоа е партија која е постојан претендент за власт и тоа е еднa од нејзините основни пораки – етнонационализмот. Во бугарскиот случај, не зависиме од тоа бидејќи партијата ВМРО веќе е маргинализирана и не е сигурно дали ќе влезе во Парламентот. Всушност мрежите на некогашните тајни служби, од кои дел се и бугарски институции во моментот, не престануваат да ги влошуваат односите при што на чело на кампањата во последно време, одново застана бугарскиот претседател. Вината е и од двете страни на границата, но имаме многу да направиме за тоа да не е така“, вели историчарот од Бугарија, Димитар Атанасов.
Your browser doesn’t support HTML5
Неговата анализа е дека односите меѓу двете земји сега се на дното. Свесен е дека реториката, особено во Бугарија, ќе се заострува со наближувањето на изборите, и затоа, сугерира дека таквите политички процеси не смеат да бидат пречка за развивање на релациите меѓу државите и граѓаните. Атанасов има интересна позиција за промената на Уставот заради вметнување на Бугарите – услов за Северна Македонија да го продолжи процесот на евроинтеграции.
„Моето мислење е обратно од она на бугарската страна. Сметам дека впишувањето на Бугарите во Уставот на Република С Македонија е апсолутно бесмислена работа - и со и без него Бугарија треба да дозволи преговори за Северна Македонија. Ако погледнеме историски, и бугарската и македонската страна аргументираат за историски тези. Ако погледнеме на историските личности - Гоце, Даме, тие сакале на Осоговските планини да нема граници, тие сакале Деве Баир и Ѓуешево да бидат само две села и ништо повеќе и меѓу нив да се минува слободно. Бидејќи ние сме различни, но доволно блиски. Она што го можат Италијанците, Шпанците и Французите, зошто да не го можеме и ние, Бугарите и Македонците“, вели Атанасов.
Од Евротинк, кој го организираше форумот, апелираат соседот да не се гледа само низ призма на неколку политичари-националисти.
„Сигурен сум дека ќе дојде до помирување меѓу двете земји преку работа на намалување на тензиите, особено меѓу двете општества надвор од односите помеѓу владините претставници и на помирливите гласови да им се дава многу повеќе простор и време во медиумите, особено кај другата страна. Треба многу помалку да бидеме обременети од тоа што зборува Џамбаски, од страната на Бугарија, и да не ја гледаме Бугарија само низ призмата на тоа што тој го зборува“, вели извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски.
Бугарија на 2 април оди на нови парламентарни избори - петти во последните две години. Анкетите покажуваат неизвесна битка меѓу двата главни блока - ГЕРБ на екс премиерот Бојко Борисов и предизборната коалиција меѓу Продолжуваме со промени и Демократска Бугарија. Од партиите кои се потпираат на силна антимакедонска реторика, засега само една, е сигурна дека ќе избори места во бугарскиот парламент.