Зеленски од Лондон: Знаеме дека слободата ќе победи, а Русија ќе загуби

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес во Лондон му се заблагодари на британскиот народ за поддршката во спречувањето на речиси едногодишната руска инвазија на неговата земја и рече дека на крајот Украина ќе победи во војната.

„Знаеме дека слободата ќе победи, знаеме дека Русија ќе загуби“, рече Зеленски пред британскиот парламент. „Знаеме дека победата ќе го промени светот и тоа ќе биде промената што на светот одамна му беше потребна. Обединетото Кралство чекори со нас кон најважната победа во нашиот живот“.

Зеленски, исто така, планира да се сретне со кралот Чарлс во Бакингемската палата, што е само негово второ патување во странство откако Русија ја нападна Украина, по декемвриското патување во Вашингтон кога се сретна со претседателот Џо Бајден и се обрати во Конгресот.

„Дојдов овде и стојам пред вас во име на храбрите“, му рече претседателот на Парламентот, оддавајќи им почит на војската на Украина. „Ви благодарам за вашата храброст. Лондон е заедно со Киев уште од првиот ден“.

Стотици пратеници ја преполнија Вестминстерска сала, најстариот дел од Парламентот за говорот на Зеленски.

Велика Британија е еден од најголемите воени поддржувачи на Украина, испраќајќи повеќе од 2,5 милијарди долари во оружје и опрема. Посетата се случи во моментот кога британскиот премиер Риши Сунак најави дека Британија ќе ги обучува украинските пилоти на „борбени авиони според стандардите на НАТО“. Повеќе од 10.000 украински војници исто така се обучени во базите во Обединетото Кралство, некои на тенковите Челинџер 2 што ги испраќа Велика Британија.

„Горд сум што денес ќе ја прошириме таа обука од војници на маринци и пилоти на борбени авиони, обезбедувајќи ѝ на Украина да има војска способна да ги брани своите интереси и во иднина“, рече Сунак.

Зеленски ги повика британските законодавци но и законодавците во САД да понудат уште понапредни борбени авиони.

Германија, Данска и Холандија во вторникот соопштија дека планираат да испратат најмалку 100 постари, обновени тенкови Леопард 1 во Украина.

Германското Министерство за одбрана соопшти дека властите во Берлин одобрија извоз на 178 тенкови Леопард 1 А5 во Украина. Германија не ги користи тенковите од 2003 година.

Соединетите Држави соопштија дека ќе испорачаат 30 од нивните тенкови Абрамс.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.