Кина вели дека конкуренцијата не треба да ги дефинира односите со САД, реакции по говорот на Бајден

Денешните коментари на портпаролот на Министерството за надворешни работи Мао Нинг дојдоа неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Соединетите држави се во „најсилната позиција во последните децении да се натпреваруваат со Кина“ и на економски и на воен план.

Бајден за време на годишното обраќање пред заедничката седница синоќа рече дека Соединетите држави сега „инвестираат во индустрии кои ќе ја дефинираат иднината“ во кои Пекинг има „намера да доминира“, како и да ја модернизира американската војска „да се заштити стабилноста и да се одврати агресијата“.

Тој им рече на пратениците дека јасно му ставил до знаење на својот кинески колега, Шји Џјинпинг, дека Соединетите Држави бараат „конкуренција, а не конфликт“ со Кина и ќе соработуваат со Пекинг „каде што можат“ за прашања кои ќе имаат корист за светот.

Мао на дневниот брифинг за новинарите во Пекинг рече дека Кина не се плаши да се натпреварува со Соединетите Држави, туку е „против дефинирање на односите Кина - САД“ во тие термини.

Бајден рече дека ако Кина го загрози суверенитетот на САД, „ние ќе дејствуваме за да ја заштитиме нашата земја, ... и тоа ќе го направиме“ - повикувајќи се на беспилотниот кинески шпионски балон што леташе над Соединетите држави неколку дена пред да биде соборен минатата сабота од борбен авион над Атлантскиот Океан во близина на брегот на Јужна Каролина.

Балонот дополнително ги влоши односите меѓу двете светски економски суперсили, кои и така се лоши во последниве години поради обвинувањата на Вашингтон за нефер трговски и економски практики на Пекинг и кршење на правата на интелектуална сопственост.

САД, исто така, ја обвинија Кина за кршење на човековите права во оддалечената провинција Ксинџијанг, Тибет, Хонг Конг и пошироко.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.