Драги Ѓоргиев, копретседател на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, вели дека комисијата досега усвоила препорака за заедничко чествување меѓу двете држави на Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и Цар Самоил.
Глас на Америка: Дали последните случувања помеѓу Скопје и Софија ќе бидат пречка за понатамошна работа на комисијата за историски прашања?
Драги Ѓоргиев: Не може да останеме ние имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневно политички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата комисија и сето тоа влијае врз атомосферата во самата комисија.
Глас на Америка: Како ги оценувате последните случувања меѓу Северна Македонија и Бугарија?
Драги Ѓоргиев: Како да има тенденција, македонско-бугарските односи на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период. Очигледно на некого тоа му е потребно и кога ќе трае некој извесен период, тие мирни и добри односи и ќе тргне работата во вистинска насока, се случуваат инциденти, кои очигледно имајки ја во предвид историјата на претходните инциденти, се прават смислено со однапред режирано сценарио. И ова мислам ќе деескалира, ќе се смири ситуацијата, но повторно постојат сили, кои нема да ме изненади, после два месеци, да се случи истото по било кој повод.
Глас на Америка: Можно ли е да се дојде до решение за Гоце Делчев?
Драги Ѓоргиев: За Гоце Делчев речиси и да не дискутираме сериозно, можеби година дена. Во едни вакви услови, можеби екстремно би рекол заладени односи, со многу висока тензија, многу тешко е комисијата да работи спокојно и мирно на Гоце Делчев. Идејата на заедничко чествување на било која личност не само на Гоце Делчев се базира на тоа да уште повеќе ги смири и релаксира односите меѓу двете држави, да придонесе кон подобро сфаќање на двата народи и на двете општества. И таа е основната идеја не само на нашата комисија, туку и на сите комисии кои работат на ваков начин, односно покрај учебниците имаат како своја агенда и заедничко чествување на одредени личности, околу кои постојат различни видувања, меѓутоа тие се споделени историски личности. Во овој момент ситуацијата мислам дека не е таква, која ќе овозможи било какво решение на комисијата, кое ќе придонесе уште повеќе да се смират односите и тргнат во вистински правец односите меѓу Македонија и Бугарија. Така да мора политичаката ситуација, политичките односи меѓу двете држави да бидат на едно високо ниво со цел и комисијата да постигне одреден напредок, пред се во однос на тие чуствителни теми како што е Гоце Делчев.
Глас на Америка: Што до сега е договорено?
Драги Ѓоргиев: Комисијата усвои препорака за заедничко чествување меѓу двете држави за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и за Цар Самоил. Во однос на препораките за учебниците, усвоени се препораки за петти клас во бугарскиот образовен систем и за шестто одделение во македонскиот образовен систем. Следната средба е закажана на 16 и 17 февруари во Софија.