Полициско обезбедување околу црквата „Свети Спас“ во пресрет на чествувањето за Гоце Делчев

Македонската и бугарската полиција продолжуваат со контакти за да се прецизираат детали околу начинот на кој се дејствува во сабота и ќе се спречуат евентуалните провокации и немири. На 14 бугарски државјани во сабота нема да им биде дозволен влез во државата доколку се обидат да присуствуваат на чествувањето во Скопје но за кого станува збор надлежните не откриваат


СКОПЈЕ – Втор ден тимови на МВР во униформи и во цивил се поставени околу црквата „Свети Спас“ во Скопје каде што се наоѓа гробот на Гоце Делчев. Сообраќајот и движењето на граѓаните се одвива непречео а полициските тимови се поставени откако пристигнаа најави за организирани групи од Бугарија кои ќе ги предводат политичари лица со изрезани анти-македонски ставови на што имаше реакција во домашната јавност и најави за поставување на стражи околу црквата како одговор на провокациите.

Македонската и бугарската полиција продолжуваат со контакти за да се прецизираат детали околу начинот на кој се дејствува во сабота и ќе се спречуат евентуалните провокации и немири.

На 14 бугарски државјани во сабота нема да им биде дозволен влез во државата доколку се обидат да присуствуваат на чествувањето во Скопје но за кого станува збор надлежните не откриваат. Нема потврда дали на листата со забрана се европратеникот Џамбаски, претседателот на партијата „Преродба“, Костадин Костадинов за кои тоа го побара претседателот Стево Пендаровски како и политичарот Красимир Каракачанов.

По состанокот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со неговиот бугарски колега Демерџиев, во Бугарија е почнато со проверки на лицата кои евентуално би пристигнале во црквата „Свети Спас“ во сабота. По средбата двајцата министри соопштија дека нема да дозволат било каков инцидент, провокации или тензии за време на прославата на 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Главниот комесар на бугарското МВР, Станимир Станев, во интервју за бугарската телевизија „БТВ“ изјави дека вчера се слушнал трипати со својот македонски колега.

„Разменуваме информации и им даваме информации за движење на наши граѓани, за нивниот број, за кој се уште во моментов ја немаме точната цифрата бидејќи е променлива. Разменуваме неопходни информации за двете страни со цел да гарантираме без проблеми да се одржи настанот на 4 февруари“, изјави Станев и додаде дека доколку македонските власти побараат тие се подговтени да испратат свои полициски службеници во Скопје.

Денеска од Владата соопштија дека во сабота на чествувањето ќе присуства делегација која ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски а ќе биде придружуван од вицепремиерот Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Македонската полиција сеуште трага по вториот осомничен за нападот и претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков. Иако досега надлежните не потврдиија според информации од Обвинителството но и од политичари во Бугарија Пендиков во моментот на нападот немал бугарско државјанство за разлика од еден од напаѓачите на кого Бугарија му одговорила позитивно на барањето.