Русија денес соопшти дека испораката на оружје со долг дострел за Украина нема да ги одврати руските сили, туку ќе ги зголеми тензиите и ќе го ескалира конфликтот.
Коментарите на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дојдоа по информациите дека САД подготвуваат нова рунда помош која ќе вклучи ракети со поголем дострел за да им помогне на украинските сили во борбата против руската инвазија.
Ројтерс објави дека според двајца американски официјални лица, оружјето наречено „лансирна граната од земја со дострел од 150 километри“ било дел од пакетот што се очекува да биде објавен веднаш оваа недела.
Исто така, се очекува да биде вклучено и противтенковско оружје, системи против беспилотни летала и контраартилериски системи, оклопни возила, комуникациска опрема и медицинска опрема за поддршка на три теренски болници.
Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, во средата на Твитер објави дека секоја фаза од војната бара одредено оружје. Тој рече дека веќе постои коалиција на партнери кои ѝ помагаат на Украина да набави но и за обука да користи тенкови но во исто време се водат „разговори за ракети со поголем дострел и снабдување со авиони за напад“.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во вторникот процени дека десетина земји сега ветиле повеќе од 100 тенкови, што тој го опиша како „прв бран придонеси“.
Украинските власти ги повикаа своите западни сојузници да испратат борбени авиони со цел подобро да одговорат на рускиот напад, но досега тие повици беа земени со претпазливост.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.