Она што денес се случува во Европа утре може да се случи во Источна Азија, рече Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, при денешната средба со јапонскиот премиер Фумио Кишида, ги поздрави јапонските санкции против Русија и поддршката за Украина

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги истакна пошироките потенцијални ефекти од руската инвазија на Украина при посетата на Јапонија денес, велејќи дека „она што се случува денес во Европа може да се случи утре во Источна Азија“.

„Ако претседателот Путин победи во Украина, ова ќе испрати порака дека авторитарните режими можат да ги постигнат своите цели преку брутална сила“, изјави Столтенберг за новинарите на заедничката прес-конференција со јапонскиот премиер Фумио Кишида.

„Пекинг внимателно следи и учи лекции кои можат да влијаат на неговите идни одлуки“.

Столтенберг, исто така, ги поздрави јапонските санкции против Русија и „значајната поддршка за Украина“.

Неговата посета на Јапонија дојде еден ден откако тој ја повика Јужна Кореја да испрати директна воена поддршка за Украина. Владата во Сеул е растечки извозник на оружје и има добро опремена војска поддржана од САД.

Јужнокорејскиот министер за одбрана по средбата со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во Сеул, рече дека „го насочуваме нашето големо внимание на ситуацијата во Украина“.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс, Франс-прес