Ниските плати причина оти Охрид останува без стручен кадар во туризмот, персоналот заминува во Хрватска

Менаџери од Хрватска регрутираат млади луѓе од земјава за работа во тамошните туристички места. Во време кога угостителско туристичкиот сектор во Северна Македонија се соочува со сериозен недостаток на стручна работна сила, ова ќе биде уште еден голем удар за нив.

„Веќе агенциите од Хрватска и луѓето кои посредуваат за работа во Хрватска се на територијата на Охрид и се почнати со интервјуа и со преземање на работната сила, што значи дека огромем број на вработени веќе во март ќе бидат заминати во Хрватска, додека Охрид ќе се соочи со недостиг на работна сила уште во март“, вели Игор Пешевски, дипломиран студент на факултет за туризам.

Игор е само еден од многуте, кои наместо во туристичката иднустрија во земјава, својата кариера ќе ја продолжи во странство.

„Добив менаџерска позиција во Швајцарија. Швајцарија мене ми понуди еден систем на работа, кој јас многу го почитувам. Ќе работам како менаџер на ресторан во градот Цирих“, додава тој.

А, угостителите ако сакаат да ги задржат младите, ќе треба да го одврзат кесето и да понудат плати слични на оние во Хрватска.

Your browser doesn’t support HTML5

Охрид без стручен кадар во туризмот

„Главни виновници се угостителите, бидејки тие не вложуваат во капацитетите на самите работници, односно ја потценуваат таа работна сила. Вие ако имате еден келнер, кој што познава два јазици, ви го продава менито, достоинствен е, му верувате, одговорен е за својата работа, дајте му пари исто како Хрватска што го плаќа. Немој да дозволите тој да замине. Стигна моментот каде што немаме готвачи и сите келнери си заминаа“, вели Ангела Пасквал, професорка на Факултет за туризам-Охрид.

Хотелиерите признаваат дека причина за заминувањето се пониските плати. Но имаат своето објаснување за тоа.

„Ама ниските плати се резултат на ниските цени, а ниските цени се резултат на нискиот стандард, и сето тоа е еден круг кој што за сега не можеме да го одврземе. Во Дубровник цените за сместување се над 100 евра на ден, а во Охрид се 30 евра. Разликата автоматски ја диктира и платата која ќе се даде на персоналот. Се разбира не е нормало никакво оправдување“, вели Ана Јанчева, менаџерка на хотел.

Јанчева вели дека секторот кој што работи сезонски, само неколку месеци во годината не е во состојба да исплаќа плати како во западно-европските земји.

„Ние секоја година имаме огромен проблем со персонал, особено персонал од кувари, сервис, цел сектор, храна и пијалок е голем проблем“, додава таа.

Заменик претседателот на Владата, Фатмир Битиќи неодамна рече дека на пролет ќе се отвори дискусија за отварање на пазарот на труд, односно за вработување на странци во земјата, со цел, зголемување на конкурентноста. Но експертите велат дека тоа нема да го реши проблемот, особено ако се носат лица од далечни дестинации.

„Тие луѓе кои би дошле од Бангалдеш можеби би биле добри за тие работи за ниско квалификувани потреби. Би биле можеби добри за тешки работи за чистење и работа во кујна, миење на чинии и помош во кујна. Меѓутоа туризмот повторно ќе остане како гранка каде ќе нема доволно персонал. Тоа се луѓе кои имаат јазични бариери. Тие никогаш неможат да бидат на позиција, а немаат ни квалификација да го покријат местото на готвачи, келнери, рецепционери“, вели Пасквал.

Последните години угостителите недостатокот на кадар го надоместуваат со средношколци. Дополнителен проблем е и се помалиот број млади кои се запишуваат во средното угостителско училиште или пак на факултетот за туризам.