Амбасадорот нема да се врати се додека не се смени политиката на неказнивост и третман на граѓаните со бугарска самосвест во Северна Македонија. МНР со реакција по скандалозната изјава со скриени закани на бугарскиот европратеник Џамбаски
СОФИЈА- Амбасадорот на Бугарија во Северна Македонија, Ангел Ангелов, нема да се врати во Скопје и останува во Софија каде што денеска реферираше пред Комисијата за надворешни работи во бугарското Собранието за ситуацијата во нашата држава. Бугарскиот државен врв одлучи да го повлече во знак на револт од како што велат инертноста на македонските институции и антубигсраката политика и расположени во државата.
Бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков појасни дека Ангелов нема да биде вратен во Скопје се додека не се постигне напредок во однос на третманот на македонските граѓани со бугарска самосвест во нашата држава и не се казнат лицата, кои според официјална Софија, сториле кривични дела од омраза.
„Ангелов останува во Софија се додека не видам знаци на некаква промена и можност тој да биде вратен назад. Сметам дека одлуката е покажување на јасен став на цврста политика дека тоа однесување не може да продолжи на истиот начин. Правосудните органи треба да си ја завршат работата. Судската власт исто така. За да се справат со вистинската ситуација. Таму има кривични дела од омраза кои што се казнуваат со минимални казни или воопшто не се казнуваат, што создава атмосфера на неказнивост. И во пракса ги поттикнува овие појави. Не може во болницата каде што лежи Христијан Пендиков да добива закани по интернет. Тоа ја покажува целосната неказнивост и за увереноста на луѓето кои ги испраќаат тие закани дека воопшто нема да бидат идентификувани“ “, изјави Милков и додаде дека Софија нема да ја запре европската интеграција на Скопје, бидејќи „Северна Македонија никогаш и не започнала преговори“.
Милкoв најави дека Бугарија ќе ги запре сите меѓудржавни проекти со Северна Македонија освен оние кои се однесуваат на заштитата на бугарското малцинство.
Амбасадорот Ангелов за бугарските медиуми изјави дека има разногласие во државните институции во Северна Македонија кога станува збор за случаи кои тој и официјална Софија ги карактеризираат како насочени против бугарското малцинство и дела од омраза.
МНР попладнево со реакција по скандалозната изјава на европратеникот Ангел Џамбаски кој индиректно му се закани на македонскиот претседател Стево Пендаровски бидејќи побара тој да биде прогласен за„ персона нон грата“ и да му биде забранет влез во нашата држава.
„Многу други луѓе се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија и резултатот на тоа бил да речам, последниот таков резултат се случил со југословенскиот, српски крал Александар Караѓорѓевиќ. Така што, да учиме од историјата, ако се обиде да ми забрани влез во Македонија, нека ја види историјата и нека учи од неа“, изјави Џамбаски.
МНР побара безбедносните органи да ги земат предвид последните изјави на Џамбаски при носење на евентуална одлука.
„Министерството за надворешни работи уште еднаш остро реагираше со осуда за изјавите на европратеникот Џамбаски за што по дипломатски пат го известува и Министерството за надворешни работи на Бугарија. Во овој случај, Министерството ќе препорача и на Претседателот да реагира соодветно до својот колега, претседателот Радев, а за ова однесување известување и барање за оградување ќе биде побарано и од Претседателот на Европскиот парламент. Заканите, изјавите за закани, најавите се прашање со кое се занимаваат безбедносните органи, очекуваме тие сериозно да ги земат предвид последните изјави на Џамбаски и да донесат соодветна одлука за негов ограничен пристап во земјава“, соопштија од МНР.
Официјална Софија најави реакција доколку бугарски државјани бидат запрени и не им биде дозволен влез во Северна Македонија на 4 февруари денот кога се чествува 151 година од раќањето на македонскиот великан Гоце Делчев.