Владеачкото мнозинство без заеднички став за влез на Алијанса во Влада

Две недели е рокот што си го дадоа партиите за да усогласат став дали Алијанса ќе влезе во владиното мнозинство. Демократски сојуз бара да се внимава на правичната застапеност, Алтернатива е против. Вчерашната средба на СДСМ и коалициските партнери без конкретен епилог



СКОПЈЕ - Дали ќе се зголеми владеачкото и парламенатрното мнозиство без одговор по вчерашната средба на СДСМ со коалициските партнери. Поканата за Алијанса на Албанците е отворена но дел од партиите имаат услови за влез или пак се одлучно против.

Во Клубот на пратениците вчера вечер премиерот Димитар Ковачевски доби начелна согласност од коалициските партнери за проширување на владината коалиција. Изјава немаше.

„Во пријатна атмосфера разговаравме за активностите во претстојната 2023 година, за мерките и политиките на Владата за справување со глобалната енергетска криза, економскиот развој и енергетската транзиција, за имплементација на владината програма, реформите за европскиот пат и чекорите за обезбедување европска иднина на државата“, напиша на социјалната мрежа „фејсбук“ по завршувањето на средбата.

Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, кажа дека ќе се разговара во сите партии вклучувајќи ја и Алијанса и дека најдоцна за две недели би имало конкретна одлука но тоа ќе зависи од концептите на СДСМ, колаициските партнери и Алијанса кои треба да се поклопа.

„ Во Алијанса се разговара. Ќе се разговара и во СДСМ и во партиите од коалицијата евентуалната можност за проширување на мнозинството. Како ќе се заврши пред се зависи од програмските заложби и суштинските заложби кои би требало да ни се поклопуваат со владините и колаиционите партнери. Треба да се поклопуваме во идеите и концепите. Мислем дека активностите би требало во наредните две недели да знаме дали генерално се согласуваме заеднички“, изјави Богоев во „Топ Тема“ на телевизија Телма.

Со конретен став излезе претседателот на „Демократски сојуз“ (ДС), Павле Трајанов, кој кажа дека не е против влез на Алијанса во Владата но мора да се почитува Баденетровиот принцип и правичната застапеност на сите заедници.

„ Таа партија што има проблеми со парламентарната група треба да ја плати цената. Сега ДУИ има шест министерски места, ако сакаат нов партнер треба да отстапи две министерски места. Тоа би било во ред. Генерално мислам дека соодветната застапеност значи пт до шест министерски места бидејќи така сме поделени и така е конципиран Уставот за соодветната застапеност на етничките заедници “, изјави Трајанов.

„Алтернатива“ е единствената партија која отворено застана против влез на Алијанса во Владата за кој сметаат дека е обид за спас на Али Ахмети.

„ Ако Алијанса одлучила да го спаси Али Ахмети и со тоа да се претопи во ДУИ тоа е нивна работа. Но тоа не е добро, да се маскира со наводна борба против корупција и интеграција на државата во Европска Унија. Еве еден конкретен апел до нив, кога ќе одлучуваат за евентуален влез во Владата нека се произнесат и за амандманот на Алтернатива кој предвидува политичката корупција да не може да застари и со тоа на дело ќе докажат дека имаат капацитет да се борат против корупцијата “, изјави Орхан Муртезани, портпарол на „Алтернатива“ и директор на МЕПСО.

Од „Алтернатива“ потсетија дека ако станува збор за план на СДСМ и ДУИ да стигнат до бројката од 80 пратеници, пратениците на Алијанса може да го сторат тоа во Собранието и без да бидат членови на владината коалиција.