Шефот на државата предлага да им се забрани на неколку лица од Бугарија да влезат во земјава за време на претстојното чествување на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари. Оваа препорака на Пендаровски произлезе од вечерашната седница на Советот за безбедност, со присуство и на шефовите на безбедносно-разузнавачките служби и началникот на генералштабот, на која една од главните точки биле односите со Бугарија – наелектризирани по последниот инцидент во Охрид и претепувањето на секретарот на тамошниот бугарски клуб „Цар Борис Трети“. Според претседателот во тек се активности на структури во Бугарија кои имаат релации со руските разузнавачки мрежи.
„Посебен фокус на седницата беше последниот развој на настаните со Бугарија, не само во однос немилиот настан во Охрид, тоа е само мало делче оод мозаикот. Според достапните анализи на службите станува збор за организирани обиди на структури од Бугарија активирани по усвојувањето на преговарачката рамка. Тие се веќе мобилизирани, логистички и финансиски, за да го поддржат организираното доаѓање на повеќе лица во Скопје поради настанот на 4 февруари кога се одбележува раѓањето на Гоце Делчев. Тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните нема да бидат само набљудувачи. На вакви организирани антидржавни кампањи може да реагираме на два начини – дипломатски, како и досега и второ со мерки кои ги презема секоја држава. Мој предлог до владата е во согласност со законот за странци да им се забрани влез на еден европратеник од Бугарија и на уште неколку други лица. Дел од овие структури и лица се надоврзани на руските разузнавачки служби“, вели Пендаровски.
Your browser doesn’t support HTML5
Пендаровски не спомена имиња на лицата за кои предлага да им се забрани да влезат во земјава, иако од неговиот опис се препознава дека ултранационалистот и член на ЕП, Ангел Џамбаски, е еден од нив. Шефот на државата прати порака и до официјална Софија.
„Сакам да упатам порака до надлежните институции во Бугарија кои не се дел од овие сценарија – изолирајте ги политички луѓето кои не сакаат добрососедство. Ние ќе го направиме тоа кај нас. Македонија не ви е непријател, но оваа држава има закони и достоинство и кога тие границите ќе бидат надминати, ние ќе реагираме да се заштитиме. Предлагам подобра координација меѓу двете земји за европската агенда и билатералните односи, да не станат жртви на популистички и опасни реторики“, вели Пендаровски.
Пендаровски одговори и на прашање поврзано со последниот настап на техничкиот бугарски министер за надворешни работи во кој, тој зборувајќи за инцидентот во Охрид, рече дека „во Македонија се враќала традиција на насилства и стрелања“.
„Таа изјава единствено може да биде точна ако министерот мисли на периодот 1941-1944 година и кога ќе има време може да прошета до Ваташа да види дел од таа традиција“, додава Пендаровски.
Шефот на државата препознава дека сите овие провокации, на организиран и системски начин почнале по прифаќањето на преговарачката рамка, зашто во неа, освен впишувањето на Бугарите во Уставот, не влегле клучните и барања на бугарските националисти кои се однесуваат на македонскиот идентитет и јазик. Иако има ризици, според Пендаровски, безбедносната ситуација во земјава не е загрозена.