Нема стабилен Балкан додека сите држави не се на пат кон ЕУ, рече босанската министерка за надворешни работи Турковиќ

Некои регионални движења влијаат на нашиот забрзан напредок кон ЕУ, рече Турковиќ во Скопје

И Скопје и Сараево иднината на Западен Балкан ја гледаат исклучиво во Европската Унија. Ова денеска го потврдија шефовите на дипломатиите на двете земји, Османи и Турковиќ, кои, наспроти турбуленциите во регионот, пред се` во Република Српска и на северот на Косово – двете точки кои се сметаат за најчувствителни за стабилноста на Балканот, повикаа на помирување, потврда на неповредливоста на границите, прифаќање на реалноста...

„Северна Македонија силно го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херецговина како и евроатлантската перспектива осудувајќи ги сите сецесионистички тенеденции во Босна и Херцеговина“, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи бил информиран за ситуацијата во Босна и Херцеговина и за поддршката која се очекува од земјава. Турковиќ порача дека нема сценарио за стабилен регион без сите земји да бидат јасно поставени на патот на европската интеграција.

Your browser doesn’t support HTML5

И Скопје и Сараево го гледаат Западен Балкан единствено во ЕУ

„Двете држави неретко се жртви на некои регионални движења кои влијаат на нашиот забрзан напредок кон ЕУ. Го информирав колегата Бујар со случувањата во БиХ по изборите и перспективата која сега се насетува. Северна Македонија за нас е важен меѓународен партнер, членка на НАТО, од која очекуваме и имаме поддршка за наш напредок кон полноправно членство. Нема стабилен Балкан се додека сите држави од регионот не бидат неповратно на патот кон ЕУ и без цврст НАТО безбедносен чадор“, рече Бисера Турковиќ, министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина.

Нејзината земја се соочува со сериозни проблеми, пред се` поради потезите на властите во Република Српска – непочитување на одлуките на државните органи, запаливата реторика, отворената поддршка за Москва за руската агресија врз Украина.

„Владимир Путин доби орден овие денови, а се знае дека илјадници луѓе, деца, жени страдаат, сведочиме на убиства и крв на територијата на Украина. И ќе дозволите да му се даде орден на сторителот? Тоа кажува дека нешто не е во ред“, рече Турковиќ.

Османи ја повтори позицијата на Скопје во однос на регионот – европска интеграција и фоксуирање на иднината, а не на минатото.

„Мислам дека време е државите, народите во регионот да се помират и да ја прифатат реалноста во која што се наоѓаме и да продолжиме на патот кон членство во ЕУ и НАТО на сите 6 земји од регионот, бидејќи тоа е единствената алтернатива за стабилен и просперитетен регион. За жал, се` уште има политичари насекаде низ регионот кои се` уште јаваат на бранот на темите од минатото, од историјата, на говорот на омраза, генерално. Затоа е крајно време да имаме еден нов поглед кон иднината“, рече Османи.

И Вашингтон и Брисел внимателно ги следат случувањата во Босна и Херцеговина и на северот на Косово и преземаат дипломатски чекори за смирување на ситуацијата во услови на руска агресија врз Украина.

На настапот на Светскиот економски форум, претседателот Стево Пендаровски ги посочи токму овие две места како потенцијални „слаби точки“ кои Москва би можела да ги искористи за да го дефокусира вниманието на Западот од Украина.