САД ја предупредија Кина за материјална и безбедносна помош за Русија во војната на Москва против Украина, поставувајќи ја црвената линија на Вашингтон пред посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Пекинг на почетокот на следниот месец.
Во вторникот, заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за Кина Мајкл Чејс разговараше со Сонг Јанчао, заменик-директор на кинеската Канцеларија за меѓународна воена соработка на Централната воена комисија, според американски официјален претставник кој зборуваше за Гласот на Америка под услов да остане анонимен.
Ова доаѓа додека САД внимателно ги следат сите одлуки на Кина како одговор на руските барања за безбедносна помош. Американскиот функционер ги забележа извештаите за повеќекратните посети на Кина од руски транспортни авиони.
„Немам нова проценка да понудам“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс за Гласот на Америка минатата недела на прашањето дали се` уште е проценката на Вашингтон дека Пекинг не обезбедува безбедносна помош за Русија.
„Ако видиме дека НР Кина презема мерки за системски да ѝ помогне на Русија да ги избегне санкциите, се разбира дека ќе има последици“, рече Прајс.
Двочасовните разговори во вторникот дојдоа откако Кина ја одби понудата на САД за воени разговори меѓу американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и кинескиот министер за одбрана Веи Фенг на почетокот на овој месец.
За време на прес-конференцијата во Стејт департментот, по разговорите меѓу САД и Јапонија минатата недела, Остин рече дека побарал од својот кинески колега да се сретне со САД „на половина пат“ и да ги задржи „отворените линии на комуникација“ за да избегне погрешна пресметка.
Американскиот функционер изјави за Гласот на Америка дека Кина, исто така, изразила загриженост за потенцијалната посета на Тајван од страна на новиот американски претседател на Претставничкиот дом Кевин Мекарти.
Мекарти минатата година рече дека ќе го посети Тајван ако стане спикер, потег што ќе ја налути Кина.
Кина тврди дека има суверенитет над самоуправуваната демократија, тврдење кое Тајван го отфрли.
Американските дипломати и воени функционери истакнаа дека Претставничкиот дом работи независно од администрацијата на Бајден и ја предупредија Кина од претерана реакција во близина на Тајванскиот теснец што може да доведе до „ненамерна“ воена несреќа.
„Не можеме да ја држиме нашата надворешна политика заложник на работи што Кина може или не може да ги прави“, рече висок претставник на Стејт департментот.