Климатските промени доминираат на светскиот економски форум во Давос

Давос, Швајцарија (АП) - Американскиот претставник за климатски промени Џон Кери вели дека и покрај речиси еден трилион долари посветени од глобалните филантропии за различни причини во последните неколку години, само 2 отсто од оваа сума оди за климатски активности.

Тој денес за време на панел дискусијата на Светскиот економски форум во Давос рече дека се проценува дека од 7,5 до 12,5 милијарди долари глобална филантропија е насочена кон климатските активности. Тој и другите ги повикаа филантропиите ширум светот да се здружат и да придонесат повеќе за климатските активности.

На форумот имаше и повикот за акција „ГАЕА“, нов глобален напор на Светскиот економски форум за подигање дополнителна филантропија која може да ги финансира акциите наменети за климатските промени.

Европската унија ќе продолжи со големиот индустриски план за чиста технологија, кој не само што треба да го одржи континентот, туку и да го гарантира неговиот економски опстанок додека се соочува со предизвиците од Кина и Соединетите држави.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денес во Давос ги претстави контурите за нејзиниот „Индустриски план за зелена зделка“.

Планот ќе го олесни спроведувањето на субвенциите за зелените индустрии и здружувањето на проекти ширум ЕУ кои се зајакнати со големи финансиски средства. ЕУ ја следи целта да биде климатски неутрална до 2050 година.

На петдневниот состанок, кој се одржува под знамето „Соработка во фрагментиран свет“, ќе учествуваат над 50 шефови на држави и влади, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и шпанскиот премиер Педро Санчез.

Соединетите Американски Држави доаѓаат со претставникот на претседателот Џо Бајден за клима и климатски промени Џон Кери, и трговскиот претставник Кетрин Таи.

Русија нема да учествува на состанокот, бидејќи форумот минатата година ги замрзна своите врски со руските ентитети, откако Москва ја нападна Украина кон крајот на февруари.

Некои информации во овој извештај доаѓаат од Асошиетед Прес.