Јапонскиот премиер денес во посета на Канада, утре доаѓа во Вашингтон

Јапонскиот премиер Фумио Кишида денес е во Канада на разговори со канадскиот премиер Џастин Трудо. Кишида е на турнеја на Групата седум, или Г-7, водечки индустриски земји додека Јапонија го презема ротирачкото претседателство со групата.

Во соопштението од канцеларијата на Трудо се вели дека двајцата лидери ќе разговараат за приоритетите на Јапонија за нејзиното претседавање со Г-7, како и за понатамошно зајакнување на билатералната трговија меѓу двете земји.

Кишида пристигна во главниот град на Канада, Отава, по посетата на Лондон во средата, каде што тој и британскиот премиер Риши Сунак потпишаа одбранбен договор, кој ќе им овозможи на земјите да распоредат сили меѓусебно, што е најнов чекор кон поблиски безбедносни врски.

Јапонскиот премиер, исто така, треба да отпатува за Вашингтон на разговори со претседателот Џо Бајден во петок во Белата куќа.

Пред тој состанок, јапонските министри за одбрана и за надворешни работи се сретнаа со нивните американски колеги во Вашингтон, каде што објавија договор за зајакнување на безбедносната соработка.

На заедничката прес-конференција во средата со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, американскиот државен секретар Антони Блинкен го поздрави неодамнешното ветување на Јапонија за двојно зголемување на трошоците за одбрана до 2027 година.

Блинкен, исто така, најави дека за време на посетата на Кишида во петок, тој ќе потпише договор за американско-јапонската соработка во вселената.

Секретарот за одбрана Остин треба да одржи уште една средба со јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада денес во Пентагон на разговори за новиот договор за безбедносна соработка.

Како дел од неговата турнеја Г-7, Кишида ги посети и Франција и Италија.

Некои информации за овој извештај се Асошиетед прес и Ројтерс.