Инфлација, француски предлог, уставни измени - Северна Македонија во 2022 година

Економско - енергетска криза, инфлација, условувања, штрајкови, протести и минимален напредок во европските интеграции. Изминатите 12 месеци беа тешки и за државата и граѓаните кои мораа да се фатат во костец со се' поизразената економска криза како последица на пандемијата и војната во Украина. Во 2023 година фокусот ќе мора да се стави на закрепнување на стопанството и бизнис секторот и стабилизација на економијата и инфлацијата. На политички план, уставните измени за кои е потребно двотретинско мнозинство ќе бидат најголемиот предизвик за владеачката гарнитура.

Годината почна со нова Влада и нов мандатар. По речиси пет години на премиерската функција Зоран Заев се повлекува од политичкиот живот и во кабинетот на Илинденска број 2 ќе седне новиот претседател на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.

На политички план Ковачевски ќе успее да ги консолидира редовите на владеачкото мнозинство кое беше на граница од 61 пратеник со влегувањето на партијата Алтернатива. Крупни измени во владиниот состав во 2022 година нема, неколку ротации со цел да се задоволат апетитите на партиите од владеачкото мнозиство.

Собранието без поголем успех во работата со бесконечни одлагања на седници и блокади на работата како од опозицијата така и од партиите на власт. Неколку клучни закони сеуште чекаат да дојдат на ред пред пратениците.

Your browser doesn’t support HTML5

Инфлација, француски предлог, уставни измени, затворски туризам - Северна Македонија во 2022 година

На меѓународен план со делумен успех. По 17 години кандидатски статус Северна Македонија ги почна преговорите со ЕУ но, не од иста појдовна точка како Албанија со која државата е во пакет. Услов за старт на преговорите беше т.н. „француски предлог“ кој на 16 јули беше усвоен во Собранието со 68 гласови „ЗА“.

„Францускиот предлог“ беше причина опозицијата да излезе на улица и да протестира 14 дена а ставот беше дека со предлогот се асимилира македонскиот народ, јазик и култура. На усвојувањето во Собранието му претходеа два дена жестоки расправи полни со навреди и обвинувања и на граница со физики пресметки.

Преговорите и скринизите почнаа но, тука е условот неопходен за старт во вистинска смисла на зборот - уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот - камен на сопнување во македонското општество.

Кога станува збор за односите со Бугарија може да се констатира дека немаше сериозен и клучен исчекор но и назадување. На енергетски план двете држави склучија неколку договори за помош и поддршка но, отварањето на бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола кој беше опожарен и „Цар Борис“ во Охрид кој беше демолиран само ги влошија и онака кревките односи. Во Благоевград беше отворен македонски центар „Никола Вапцаров“ кој набрзо беше затворен од локалните власти. Историската комисија имаше неколку средби но без значителен напредок.

Еден од клучните настани во 2022 година секако е признавањето на автокефалноста на МПЦ - ОА. За само еден месец македонската црква по декади минати во темнина, блесна во христијанскиот свет. На 9 мај Цариградската патријаршија ја призна каноничноста на МПЦ -ОА за потоа на 24 мај СПЦ да ја благослови автокефалноста на македонската црква. Историскиот настан се случи на 12 јуни кога се одржа богослужба на македонски јазик во Соборниот храм на Вселенската патријаршија.

На економски план државата е тешко погодена од војната во Украина и последиците од пандемијата. Инфлацијата расте од месец во месец за во ноември да ги достигне рекордните речиси 20 отсто. Платите иако зголемени ја изгубија вредноста а, граѓаните се соочија цени на основните производи и продукти кои секојдневно се менуваа и растеа. Владата се обиде со неколку мерки да ја стабилизира состојбата но, генералната оценка е дека не постигна значаен успех. Синдикалната кошничка според ССМ тежи речиси три минимални плати. Владата воведе даночна реформа која според експертите не го таргетира клучниот проблем - сивата еконмија и се откажа од прогресивниот данок.

Незадоволни од платите и условите прво СОНК ги извади просветителите на генерален штрајк а, потоа и ССМ со вработените во јавниот сектор.

На енергетски план, во последен момент Владата успеа да обезбеди енергенси - гас, јаглен и мазут но, проблемите со домашните капацитети за производство на електрична енергија сеуште се присутни па затоа се потрошија и се трошат десетици и десетици милиони евра за увоз на струја.

Годинава ја одбележа и судството како со пресуди така и со избори и именувања. Во Северна Македонија се појави нова форма на туризам - „затворски“ а најпознатите туристи се Сашо Мијалков и Орце Камчев, кои користејќи ги законските дупки и недоречености завршија во затворот во Струга, затвор од отворен тип. Апелација во постапка која најблаго може да се карактеризира како сомнителна ја укина пресудата за масовното прислушување и го врати предметот на повторно судење а прогнозите се дека предметот ќе застари и нема да има епилог односно казни. Обвинителството за гонење на организиран криминал доби нов шеф Ислам Абази гостиварски обвинител за кого медиумите не можеа да најдат ниту биографија ниту слика на денот на неговото именување.

Годината ја завршивме во грч и хаос поради заканите за поставени бомби во училишта, трговски центри, станбени комплекси и државни институции. Надлежните тврдат дека станува збор за хибридни закани и војна против државата но кривичните пријави досега поднесени го тврдат спротивното.

Она што е јасно е дека во 2023 година фокусот ќе мора да се стави на закпренување на стопанството и бизнис секторот и стабилизација на економијата и инфлацијата. На политички план, уставните измени за кои е потребно двотретинско мнозинство ќе бидат најголемиот предизвик за владеачката гарнитура.