ЕУ тешко може да воведе санкции за корумпирани на Балканот оти треба согласност од 27 држави, вели Сарацин

Горчлива лекција за регионот е што ЕУ не ја награди Северна Македонија кога склучи договор со Грција, рече поранешниот министер за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати

Користењето санкции може да создаде позитивен моментум, но очигледно е дека овој инструмент е потешко достапен за Европската Унија кога за тоа треба согласност од 27 членки, рече Мануел Сарацин, специјален претставник на Германија за Западен Балкан, на прашањето дали се можни санкции во иднина како алатка во борбата против корупцијата во регионот.

„Би рекол дека има малку поразличен пристап од САД или Обединетото Кралство“, рече Сарацин, на дискусија за Западен Балкан во Атлантскиот совет во Вашингтон, повикувајќи ги државите да работат на реформите потребни за членство во ЕУ.

Поранешниот министер за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати, рече дека е загрижен за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ ако за тоа нема предвидлива временска рамка.

Тој потенцираше дека следната година ќе се одбележат 20 години од самитот во Солун, а само Хрватска успеала да влезе во Унијата.

„Значи, главната поента овде е како да се оди напред. Видовме некои, да речеме историски случувања, кои се пропуштени дури и од старна на ЕУ, укажувајќи овде на договорот меѓу Северна Македонија и Грција, каде што Северна Македонија не беше наградена во тој момент. И ова, претпоставувам, беше горчлива лекција за другите актери кои треба да се вклучат во значајниот процес на дијалог кој ќе биде проследен и со некои болни отстапки сигурно“, рече Бушати.

Според него, процесот на европска интеграција на регионот е неопходност, а не политички избор по руската инвазија на Украина.

„Значи, дали ќе го искористиме овој геополитички момент и дали ќе ги разгледаме работите што не` обединуваат за да влеземе во Европската Унија, останува да се види“.

Тања Мишчевиќ, министерка за европска интеграција на Србија, рече дека стратешка одлука на нејзнината држава е да стане членка на ЕУ, и да воспостави добра соработка и здрави односи со соседите, истакнувајќи ги тензиите меѓу Белград и Приштина.

„Добар дел од оваа недела ќе биде посветено на шатл дипломатија на претставниците на Европската Унија, како и на САД. Нема директно да учествувам во дијалогот. Но, се надевам, бидејќи ова е исклучително важно за луѓето кои живеат во нашиот регион, без оглед на прашањето за државноста, важно е да се обидеме да го откриеме излезот и да одиме понатаму со добри случувања“, рече таа.

Учесниците на дебатата ја истакнаа потребата да се обнови регионална економска соработка и интеграција, откако во ноември во Берлин, државите од Западен Балкан потпишаа три договори под покровителство на Берлинскиот процес.