Изјави во јавноста дека ќе се заложат за зајакнување на напорите за справување со коруцпијата – тоа е реакцијата од судската и од обвинителската фела по острите критики на американската амебасадорка за потребата од зајакнување на антикорупциската борба како и веста дека експерти од Вашингтон доаѓаат во земјава за „поагресивно да ги видат минатите и сегашните корумпирани актери и да размислат за сите можни и соодветни мерки“.
Главното оправдување на обвинителите зошто вакви критики, меѓу другото доаѓаат и на нивна адреса, од клучните партнери на Македонија е дека се под потребниот број. „Ни фалат 80 обвинители, ама и во таа ситуација пак се работеше“ – објаснува првиот човек на Советот на обвинители Антонио Јолевски.
„Не велам дека не работеле зашто знам дека работеле, исходот сега, тоа е тоа... Мал број на обвинители“, рече Јолевски.
Прашање: А зошто Америка би сакала да интервнира?
„Не знам зошто Америка тоа би го сакала. Не ни треба нам некој од странство да ни каже, ние самите знаме за многу места за корупција, еве ги слушаме од медиумите, и сметам дека тоа обвинителство (ОЈО ГОКК), сега кога има нов шеф, малку повеќе поинтензивно да работи на тие предмети.“
Your browser doesn’t support HTML5
Весна Дамева, која тукушто ја презеде функцијата во Судскиот совет, притоа и самата критикувана во дел од јавноста дека тоа напредување се должи на политички врски, најавува поостар пристап кон случаите на корупција меѓу судиите.
„Судскиот совет има донесено одлука за разрешување на судија поради корупција, но неспорна е заложбата на Советот во наредниот период да преземе поригорозни мерки за расчистување на такви случаи и онаму каде има надлежност ќе постапува. Верувајте дека преземаме дејства, но колку се видливи тоа зависи од начинот на интерпретација и затоа ви напоменувам дека во идниот период резултатите на Судскиот совет ќе бидат повидливи“, вели Дамева.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска не даде директен одговор на прашањето дали доаѓањето американски антикорупциски тим го смета за пораз или победа на владата.
„Ова ние го гледаме како продолжување на партнерскиот однос со САД со цел градење на држава која ќе стане дел од ЕУ, а со самото зачленување во ЕУ владеењето на правото и борбата против корупција се издига на највисоко ниво“, рече Ковачевски.
Граѓанскиот сектор кој е силно инволвиран во следењето на судството и реформите неопходни на патот кон членство во ЕУ има неколку препораки по крикитките на Вашингтон – прифаќање на забелешките, сериозен пристап кон прашањето, повеќе внимание на случаи на висока корупција.
„Очигледно е дека постои грижа кај партнерите однадвор за за она што е постигнато во борбата против корупцијата. Очигледно е дека се очекува земјата посепфатно да се бори против корупцијата од она што сега е случај. Немаме доволно бројки на високопрофилирани случаи на корупција, често затајуваат процесите и се очекува јасно, не само од американската амбасадорка, дека ова практика треба да се промени“, вели Симонида Кацарска од ЕПИ.
Дарко Аврамовски од Коалиција сите за правично судење вели „критките треба да бидат слушнати и адресирани, колку и тоа некому да не му се допаѓа, за да видиме каде точно имаме проблем со корупција, кои се изворите на корупција во судството. Потоа, во креирањето на новата Страегија треба повеќе внимание да се обрне на тој процес.“
Критиките на Вашингтон за ситуацијата со борбата против корупција не се единствени. И Брисел, преку своите претставници во Скопје, побара ова прашање да добие приоритет и „земјата да избере дали одлучно ќе се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите да се вкоренуваат уште повеќе“.