Блинкен: Она што Путин го прави врз народот на Украина е варварски чин

Соединетите Американски Држави во средата соопштија дека повеќенеделната руска кампања насочена кон нападите врз виталната инфраструктура за греење, електрична енергија и водоснабдувањето на Украина нема да ја намали решеноста на Западот да го поддржи Киев во неговата деветмесечна борба против инвазијата на Москва.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, по дводневниот самит на НАТО во Букурешт, Романија, на прес-конференција рече дека рускиот претседател Владимир Путин го фокусирал својот „оган и гнев“ против украинското цивилно население.

„Топлина, вода, струја - ова се новите цели на претседателот Путин. Оваа брутализација на народот на Украина е варварска“, рече Блинкен.

Највисокиот американски дипломат го обвини Путин дека се обидува да ја подели западната коалиција која ја поддржува Украина, додека светските цени на енергијата растат а Украинците се соочуваат со рутински, широко распространет прекин на електричната енергија.

„Оваа стратегија не функционира, и нема да работи“, рече Блинкен. „Ќе продолжиме да му докажуваме дека не е во право. Тоа е она што гласно и јасно го слушнав од секоја земја овде во Букурешт“.

Блинкен рече дека Соединетите Држави му испраќаат на Киев уште 53 милиони долари за поддршка на купувањето на критичната опрема за електричната мрежа наспроти руските воздушни напади насочени кон украинската инфраструктура за да ги исфрлат системите за напојување и вода додека владее зимското време во земјата.

Највисокиот американски дипломат рече дека опремата ќе биде испратена во Украина на итна основа и вклучува дистрибутивни трансформатори, прекинувачи, возила и друга клучна опрема.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс