Советот за човекови права на ОН нареди истрага за насилното растерување на протестите во Иран

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја поздрави одлуката и рече дека ОН ја препознаваат тежината на ситуацијата во Иран

Советот за човекови права на Обединетите нации ја осуди иранската репресија врз мирните демонстранти по смртта на Махса Амини и гласаше за истрага на високо ниво за смртоносната акција.

И покрај силното лобирање од страна на Техеран и напорите на Кина во последен момент да ја стопира резолуцијата, пошироко од очекуваното мнозинство од 47-члениот совет го поддржа започнувањето на истрага за одговорот на Иран на протестите.

Резолуцијата беше усвоена со 25 гласа „за“, 16 воздржани, а шест земји - Ерменија, Кина, Куба, Еритреја, Пакистан и Венецуела беа против.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го поздрави гласањето, велејќи дека тоа покажува дека највисокото тело за права на ОН „ја препознава тежината на ситуацијата во Иран“.

„Мисијата за проверка на факти формирана денеска ќе помогне да се осигура дека оние кои се вклучени во тековното насилно сузбивање на иранскиот народ ќе бидат идентификувани и нивните дејства документирани“, рече тој во изјавата.