Бајден најави продажба на 15 милиони барели нафта за да ја намали цената на бензинот

Претседателот на САД Џо Бајден денес официјално објави продажба на дополнителни 15 милиони барели од стратешките нафтени резерви во декември, бидејќи сака да ги намали цените на бензинот пред изборите, објави Си-ен-ен.

„Со моето денешно соопштение, ќе продолжиме да ги стабилизираме пазарите и да ги намалуваме цените во време кога активностите на другите земји предизвикаа таква нестабилност“, рече Бајден во говорот од Белата куќа.

Претседателот, исто така, го откри планот на администрацијата да купи нафта за повторно полнење на резервите за итни случаи, која сега е на најниско ниво во речиси 40 години, кога цените паѓаат на 70 долари за барел.

„Пополнувањето на резервата по 70 долари за барел е добра цена за компаниите. И тоа е добра цена за даночните обврзници. И тоа е од клучно значење за нашата национална безбедност“, рече Бајден.

Претседателот го повика и Конгресот да усвои реформи за дозволи за да се забрза процесот на издавање дозволи за проекти за одржлива енергија.