Пендаровски: ЕУ интеграциите не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура

Your browser doesn’t support HTML5

„На Европскиот пат: нови реформи, нови можности“

Државно-владиниот врв, следејќи ги наодите во извештајот на Европската комисија, повикува на обединување заради евроинтеграциите. Пораките за значењето на реформската агенда беа испратени на „На Европскиот пат: нови реформи, нови можности“, настан организиран два дена по објавувањето на извештајот. Шефот на државата европските реформи ги нарече натпартиски потфат.

„Европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура. Тоа е национален проект што сите релевантни политички партии го поддржуваат од почетокот на македонската независност до денешен ден. Затоа, апелирам до сите политички чинители, како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање. Како натпартиски потфат, европските реформи можат да ни помогнат да ги вратиме општото добро и јавниот интерес во центарот на политичкиот дискурс и практика. Така ќе ги оствариме и виталните национални стратешки приоритети“, рече претседателот Пендаровски.

И премиерот повика на обединување, но претходно обвини дека за разлика од неговата влада која, како што рече, носела тешки одлуки за интерес на граѓаните, опозицијата се занимавала со блокади и комуникација со Русија. „Декларативно се за ЕУ, а прават се тоа да не се случи, само за тоа се борат“ – изјави Ковачевски.

„Овој извештај исто така нотира многу јасно, дека во оваа држава има два концепти и од друг аспект. Еден концепт на чие чело што сум јас којшто предлага реформски закони, којшто предлага мерки за заштита на стандардот на граѓаните, којшто деноноќно работи на обезбедување на енергија, ресурси за производство на енергија. Втор концепт којшто 2 години ги блокира сите закони во Собранието. Ако можам да разберам еден дел од таа опозиција која што е цел ден на телефон со Русија, вториот дел не можам да го разберам. Ги повикувам сите во Собранието да се обединиме заради иднината на оваа држава.“, рече премиерот Ковачевски.

Поумерен настап имаше шефот на дипломатијата кој го спомна искуството на Хрватска во процесот на пристапување – евроинтеграциите не биле дел од дневната политика.

„Ние мора или на лидерска средба, или во друг формат да си подадеме рака еден на друг дека ќе продолжиме да се натпреваруваме за сите теми. Оваа тема – ЕУ, за неа мора да постигнеме консензус ако сакаме да станеме членка на ЕУ, нема друг начин“, рече Бујар Османи.

Засега, консензус е малку веројатен. Северна Македонија, која е во процес на скрининг, за да напредува во наредните фази од пристапувањето – отворање на преговарачките поглавја, треба да ги вметне Бугарите во Уставот што, според сегашниот распоред на силите, предвидува и поддршка од опозицијата која јасно кажа дека е против вакви уставни измени.