Нови ракетни напади во Украина, Зеленски на состанок со лидерите од Г7

Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да им се обрати на лидерите на Групата седум нации за време на виртуелниот состанок кој следи по серијата смртоносни руски ракетни напади врз главниот град на Украина и други градови лоцирани низ целата земја.

Неколку часа пред состанокот, украинската државна служба за вонредни состојби извести за повеќекратни нови ракетни напади во Запорожје во кои загина најмалку едно лице.

Сирените за воздушен напад се огласија во Киев и други области. Градоначалникот на Лавов рече дека ракетниот напад таму ги прекинал услугите на струја и вода.

Равина Шамдасани, портпарол на Канцеларијата за човекови права на ОН, изјави денес за новинарите дека руските напади „можеби ги прекршиле принципите на водење на воените дејствија според меѓународното хуманитарно право“.

„Намерно насочување напади врз цивили и цивилни објекти, односно објекти кои не се воени цели, претставува воено злосторство“, рече таа.

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, рече дека Русија ги таргетира и енергетските капацитети на Украина.

„Ова се воени злосторства планирани однапред и со цел да се создадат неподносливи услови за цивилите - намерна стратегија на Русија со месеци“, напиша Кулеба на Твитер.

„Ќе направиме се за да ги зајакнеме нашите вооружени сили“, рече Зеленски. „Ќе го направиме бојното поле поболно за непријателот“.

Украинскиот лидер твитна по телефонскиот разговор со американскиот претседател Џо Бајден дека противвоздушната одбрана е негов главен приоритет и дека бара од Соединетите држави лидерство во однос на „тврдиот став“ од земјите на Г-7 групата додека се разгледува нивниот одговор за рускиот напад.

Бајден и западните сојузници брзо ги осудија нападите и ветија дека ќе продолжат да испраќаат воена помош до силите на Украина за да помогнат да се спречи инвазијата на Москва, која сега е во осмиот месец.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека Бајден му рекол на Зеленски дека САД ќе обезбедат напредни системи за воздушна одбрана.

Бајден рече дека најновите напади од Русија „уште еднаш ја демонстрираат целосната бруталност на илегалната војна на рускиот претседател Владимир Путин врз украинскиот народ.

„Овие напади само дополнително ја зајакнуваат нашата посветеност да застанеме со народот на Украина онолку долго колку што е потребно“, рече тој. „Заедно со нашите сојузници и партнери, ќе продолжиме со нашите санкции кон Русија за нејзината агресија, ќе бараме одговорност од Путин и Русија за нејзините злосторства и ќе обезбедиме поддршка неопходна за украинските сили да ја одбранат својата земја и нивната слобода.

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, изјави за новинарите дека поголемата воена помош на Западот за Украина ризикува понатамошна ескалација и можен судир меѓу Русија и НАТО.

Путин на состанокот на неговиот совет за безбедност изјави дека нападите биле одговор на нападот во саботата на мостот што ја поврзува Русија со Крим.

„Очигледно е дека украинските тајни служби наредиле, организирале и извршиле терористички напад со цел уништување на критичната цивилна инфраструктура на Русија“, рече Путин.

Украина јавно не ја презеде одговорноста. Мостот беше главна рута за снабдување на руските операции во јужна Украина.

Путин рече дека секој „терористички напад“ на Украина врз Русија ќе биде проследен со „тврд и пропорционален“ одговор.

Киев последен пат беше нападнат во јуни.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.