Украински официјален претставник денес изјави дека руско гранатирање погодило станбени згради во Запорожје, при што загинале најмалку две лица.
Олександр Старук, гувернер на регионот Запорожје, објави на Телеграм дека уште пет лица се заробени во урнатините по нападот. Украина го контролира градот, но регионот Запорожје е претежно окупиран од Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера потпиша закон со кој се прогласува дека Русија ги анектира Запорожје и три други региони, потег што го осудија Украина и нејзините западни партнери, како и Обединетите нации, како кршење на меѓународното право.
Запорожје е дом на најголемата нуклеарна централа во Европа и гранатирањето во областа во последниве месеци ги зголеми меѓународните стравувања од нуклеарна катастрофа.
Рафаел Гроси, шефот на агенцијата за атомска енергија на ОН, оваа недела треба да ги посети Киев и Москва на, како што рече, важни состаноци.
Тој вчера рече дека потребата од заштитна зона околу електраната „сега е поитна од кога било“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање рече дека неговите сили ги вратиле Нововоскрисенске, Новохрихоривка и Петропавливка, три села во Херсонската област, кои исто така биле дел од барањата за анексија на Русија.
Добивките придонесуваат за неодамнешните успеси на Украина во враќањето на територијата од Русија во североисточните и јужните делови на земјата.
Зеленски во своето обраќање рече дека Путин „веќе изгубил“, нарекувајќи ја војната што рускиот лидер ја започна кон крајот на февруари „самоуништување на секоја перспектива на вашата нација“.
„Украинците знаат за што се борат. И сè повеќе руски граѓани сфаќаат дека мора да умрат само затоа што еден единствен човек не сака да ја запре војната“, рече Зеленски.
Шефицата на американската Агенција за меѓународен развој УСАИД Саманта Пауер, денес пристигна во Киев на средба со владини претставници, земјоделци, новинари, претприемачи и енергетски работници за да разговараат за тоа како поефективно да му се помогне на украинскиот народ .
„Ова е критичен момент за украинскиот народ бидејќи ја брани својата слобода од брутален напад, ја ослободува окупираната земја, се подготвува за зима и ги зајакнува демократските институции и владеењето на правото“, напиша Пауер на Твитер.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс