Не е нова работа да се напаѓа македонскиот јазик, велат поетите

Your browser doesn’t support HTML5

Негацијата на македонскиот јазик, која доаѓа од соседна Бугарија, не е ништо ново, вели за Гласот на Америка поетот Владимир Мартиновски. Наспроти ова, помеѓу книжевниците од двете страни на границата, постои жива и искрена комуникација со меѓусебно почитување на јазиците, вели тој.

„Меѓутоа оваа официјална политика на Бугарија навистина е апсурдна, ретроградна, не води никаде и мислам дека нема никаква логика тоа што се прави. По ослободувањето, еден од првите стручни трудови на Блаже Конески е за нападот врз македонскиот јазик. Тоа не е нова работа“, вели Мартиновски.

Поетот Димитар Башевски е загрижен за политиката на негирање на македонските јазик од бугарска страна.

„Ме загрижува тоа провокативно однесување. Меѓутоа не може битно да влијае на она што е македонски јазик, македонска литература, афирмација на сето тоа во светот. Мислам дека долгорочно тоа ќе биде надминато и тие сили во Бугарија ќе се најдат во една многу непријатна ситуација. Ме труе она што го слушам, но подолгорочно Бугарија ќе се најде во дефанзива, бидејќи ова што се прави сега е многу невкусно и многу грдо“, вели Башевски.

Поетите сметаат дека сето ова нема да влијае врз пишаниот збор и понатамошното творење слободно од страна на македонските поети.

„Секако дека не. Сето она што е создадено на македонскиот јазик и што ќе се создава е најубав доказ за убавината на тој јазик Тоа е меѓународен светски стандард и тоа е цивилизациска придобивка“, рече Мартиновски.

Башевски додава:

„Токму работа да мислиме дека македонскиот јазик и поезија би биле доведени во некоја опасна ситуација. Сепак се ова непријатни и не неважни работи, меѓутоа не смееме да мислиме дека до тој степен можат да не загрозат“.

Башевски вели дека државата може да го заштити македонскиот јазик преку соодветна поддршка на домашната литература, како манифестации, истражувачки институти и афирмација во странство.