Украина побара изолација на Русија и поголема воена помош за украинските сили

Украина во средата ги повика своите поддржувачи јасно да ѝ кажат на Русија дека „нејзините обиди за анексија, уцени и ултиматуми“ само ќе донесат поголема поддршка на украинската страна во конфликтот.

„Украина ги повикува ЕУ, НАТО и Групата седум веднаш и значително да го зголемат притисокот врз Русија, вклучително и со воведување нови санкции и значително да ја зголемат воената помош за Украина, вклучително и со обезбедување тенкови, борбени авиони, оклопни возила, артилерија со долг дострел, опрема за противвоздушна и ракетна одбрана“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.

Апелот дојде кога лидерите инсталирани од Русија во Луганск и Керсон во средата апелираа до рускиот претседател Владимир Путин да ги анектира тие територии врз основа на, како што рекоа, поддршката од жителите.

Официјалните претставници на Русија рекоа дека 93 отсто од гласачките ливчиња дадени за време на петдневното гласање во Запорожје ја поддржуваат анексијата, заедно со 87 отсто во Керсон, 98 отсто во Луганск и 99 отсто во Доњецк. Заедно, регионите сочинуваат околу 15 проценти од територијата на Украина.

Украина, САД и другите западни земји ги осудија референдумите како нелегални. Меѓународното признавање е многу малку веројатно.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот пред Советот за безбедност на ОН изјави дека Русија мора да биде меѓународно изолирана поради нејзините лажните референдуми во неговата земја.

„Има само еден начин да се запре сето ова“, рече тој преку видео. „Прво, тоа е целосна изолација на Русија како одговор на сè што прави.

Треба да и се воведат повеќе санкции на Москва, рече тој, и таа треба да биде лишена од правото на вето во Советот за безбедност на ОН и суспендирана од сите меѓународни институции.

„Анексијата на заземените територии е најбруталното прекршување на Повелбата на ОН“, рече украинскиот претседател. „Ова е обид да се украде територијата на друга држава, ова е обид да се избришат нормите на меѓународното право.

Ако Москва ги анектира овие територии, рече Зеленски, тоа „ќе значи дека нема за што да се разговара со претседателот на Русија“.

Политичкиот шеф на ОН, Розмари ди Карло, им рече на членовите на Советот дека референдумите не се „вистински израз на народната волја“.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.