Горан Милевски заминува од министерската функција во ресорот локална самоуправа. Тој ја депонирал својата оставка и за тоа информирал на денешната владина седница. Тоа е прво заминување од владата на премиерот Димитар Ковачевски која во јануари годинава стапи на должност. „Лични причини“, според Милевски е образложението зошто ја напушта владата. Владата ќе ја разгледа оставката, ќе го информира Собранието кое на седница треба да ја констатира оставката. Ваквиот чекор – заминување на еден министер не е изненадување за опозицијата која смета дека тоа е јасен знак за потребата од вонредни избори.
„На овој потег предупредувавме, а се тоа, за жал, е на товар на граѓаните кои во ова време апсолутно не се заинтересирани дали и кој од лепената коалиција би бил нов или старо-нов министер. Граѓаните на секоја средба се жалат и се во паника како ќе ја преживеат оваа зима. Владата потврди дека зимата ќе биде најтешка, но не гледам дека со каква било реконструкција, минимална или не знам каква, можат да најдат спас од кризата во која не воведоа. Единствен спас за нас е да се откажат и сами да предложат да се оди на предвремени парламентарни избори“, вели Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
Заминувањето на министерот за локална самоуправа не значи и дека ќе има реконструкиција на владата - е ставот на владејачкото мнозинство.
„Досега, на нашите партиски форуми досега не се збпорело за владина реконструкицја. Ние сме задоволни од овој состав на владата, ја ужива нашата целосна поддршка“ , рече Арбер Адеми од ДУИ.
Изненадување за јавноста се информациите дека е речиси извесно дека некогашниот претседател на ЛДП и градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, ќе биде наследник на Милевски во ресорот локална самоуправа. Најавите се дека до крајот на неделата ќе се утврди името на кандидатот за нов министер.
Со заминувањето од министерската позиција, Милевски најави и напуштање на лидерската функција во ЛДП, партијата која со два пратеника е дел од мнозинството. Оваа година е изборна за ЛДП. Како фаворит за иден лидер на либералдемократите се спомнува пратеничката Моника Зајкова. Ако биде избарана, тааа би била прва жена-претседател на ЛДП.