Украина бара помошта од западот да биде усогласена со темпото на контраофанзивата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја ја „стабилизира“ ситуацијата во североисточниот регион Харков, откако ги протера руските сили во контраофанзива и ја повика меѓународната заедница да ја забрза помошта за Украина.

Зеленски во своето ноќно обраќање во понеделникот рече дека во оваа фаза, темпото со кое се случуваат работите е многу важно.

„Темпото на стабилизација во ослободените области, темпото на движење на нашите војници, темпото на обновување на нормалниот живот на ослободената територија и темпото на поддршка од партнерите“, рече тој. „За ова зборуваме искрено - темпото на обезбедување помош за Украина треба да одговара на темпото на нашето движење.

Британската премиерка Лиз Трас во изјава во вторникот рече дека следната година Британија ќе ја надмине помошта од 2,6 милијарди долари за Украина во 2022 година.

„Победите на Украина во последните недели беа инспиративни. Одново и одново овие храбри луѓе им пркосат на оние што се сомневаат и покажаа што можат да направат кога им е потребна воена, економска и политичка поддршка“, рече Трас.

И, додека светските лидери се среќаваат на Генералното собрание на ОН во Њујорк, кабинетот на премиерката соопшти дека таа ќе ги искористи своите состаноци таму за да ја зацврсти посветеноста на Велика Британија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и да ги „засили глобалните напори да се спречи Русија да профитира од извозот на енергија, притоа ставајќи крај на енергетската зависност од авторитарни режими“.

Предвидено е Зеленски да се обрати на собирот на ОН со однапред снимена порака во среда.

Дописничката на Гласот на Америка од Пентагон, Карла Баб, даде свој придонес во овој извештај. Некои информации се од Associated Press, Agence France-Presse и Reuters.