Религијата во средниот век е темата на која дебатираа членовите на Историската Комисија

Охридската архиепископија, Цариградската и Пеќската патријаршија и црковните институции во Бугарија во средниот век е темата на која дебатираа историчарите. Целта е да се подобри материјалот во учебниците и учениците полесно и попрецизно да може да го разберат христијанството како религија и значењето на институцијата црква



СКОПЈЕ - Црквите во средниот век и христијанската религија е темата на која вчера и денес дебатирале македонските и бугарските историчари, членови на заедничката Комисија за историски и образови прашања. Иако беше оставен простор за дебата и за евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, за тоа прашање не се разговарало.

Историчарите попладнево го завршија дваесеттиот состанок кој се одржа во просториите на Мнистерството за надворешни работи (МНР) во Скопје.

Охридската архиепископија, Цариградската и Пеќската патријаршија и црковните институции во Бугарија во средниот век е темата на која двата дена дебатираа историчарите. Целта е да се подобри материјалот во учебниците и учениците полесно и попрецизно да може да го разберат христијанството како религија и значењето на институцијата црква и што тоа претставува.

„Врз основа на претходно утврден дневен ред членовите на Комисијата разговараа за учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев. Во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми“, стои во официјалното соопштение на МНР.

Следната средба на историчарите ќе се одржи кон крајот на идниот месец во Софија а според најавите ќе се продолжи со дискусијата по оваа тема како и други кои се однесуваат на учебниците по историја.

Оваа средба беше прва средба на Комисија по потпишувањето на вториот Протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Инаку Комисијата на 15 август ги објави досега усвоените препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Северна Македонија и петти клас во Бугарија, како и препораките за заедничко чествување на Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил.

Тогаш копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓорѓиев, објасни дека во однос на учебниците станува збор за содржини кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави но и да предизвикаат тензии и омраза.

Според Ѓорѓиев допрва следува најтешкиот дел од работата на Комисијата – периодот на 19 и 20 век и дека решение по секоја цена нема да има.

„Ние никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период за којшто ќе дискутираме, дискусиите ќе траат и во крајна линија ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение ќе го презентираме. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија“,рече Ѓоргиев.

По една година, македонскиот тим повторно е комплетен и брои седум члена откако МНР го назначи за нов член Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја – Скопје експерт за доцно османлискиот период, на местото на Ванчо Ѓорѓиев кој поднесе оставка.