Киев сега е полупразен град, рече Емил Кирјас по посетата во Украина

Се договоривме да им пружиме не само воена и економска подршка, туку и во психолошка, рече потпретседателот на Либерална Интернационала Емил Кирјас

Потпретседателот на Либерална Интернационала Емил Кирјас, неодамна заедно со делегација на европските либерали од повеќе држави од Европа, беа во посета на Украина, каде имаа средба со тамошните власти.

Кирјас за Глас на Америка вели дека она што го регистрирале била ужасна и траорна слика, која зад себе ја оставиле руските окупациски сили.

Евролибералите најмногу лобираа за целосна политичка и воена подршка на Украина, како и за кандидатскиот статус во ЕУ, вели Кирјас.

Партијата на Зеленски, „Слуга на народот“ е членка на либералното семејство.

Глас на Америка: Неодамна бевте дел од делегација на европските либерали, која беше во посета на Украина. Која беше целта на посетата?

Емил Кирјас: Во Украина патувавме како една поголема делегација, заедно со колеги од регионот и од Европа, за да се запознаеме поблиску, што се случува во моментот во Украина. За жал, војната продолжува и таа не е завршена. На југот од државата дури и се интензивира и не смееме да прифатиме дека војната е нешто нормално на континетот.

Your browser doesn’t support HTML5

Кирјас: Не смееме да прифатиме дека војната во Европа е нешто нормално

Глас на Америка: Која е сликата што ја регистриравте во Украина?

Емил Кирјас: Да се стигне до Киев е навистина комплицирано. Мора да се патува до границите на Украина, па оттаму со воз некои 10-14 часа. Кога ќе стигнете во Киев ќе видите дека станува збор за еден полупразен град. Градот кој што бил со 5 милиони жители, во моментот има некои 2-3 милиони останато население. Нема луѓе по улиците, навечер има полициски час, се гасат сите светла. Голем дел од луѓето веќе не се ни кријат. Едноставно продолжуваат со животите, бидејќи велат ако се постојано во скривниците, нивниот живот ќе биде целосно разрушен и нема да можат понатаму да живеат. Значи се живее со една ужасна психоза, меѓутоа проследена воедно и со еден неверојатен пркос и неверојатна определба да се истрае во одбраната на својата татковина и својата нација. Веднаш штом излезете од Киев, каде што биле руските окупациски сили, ќе видите масовни разрушувања, масовно уништување на целата инфраструктура и станбена и транспортна. Ги посетивме тие области во самите предградија на Киев, кои биле окупирани од руските сили на почетокот на војната. За среќа тие се повлекоа од таму, но позади себе оставија пустош. Едно од првите места кое руските десантни сили го зазедоа беше аеродромот во Хостомел, кој е на само неколку километри северно од Киев и каде што може да се види страотно разурнување на тоа технолошко чудо кое Украинците за време на советско време го имаат изградено. Тие најголеми транспортни авиони во светот стојат како хаварија разрушени и уништени од руските сили. Она што е ужасно, се гледа уништување на инфраструктурата и на многу семејни домови на население, места каде луѓе се егзекутирани, убиени, цивили без никаква логика. Луѓето велат, па тоа беа нашите словенски браќа, Руси, како можеа тие да ни направат такво нешто. Навистина неразбирливо и несфативо. Нема никаква логика. И нешто кое мора да се спречи. Оваа политика на Кремљ, мора да се спречи, затоа што денес се Украинците, вчера беа Грузијците и Молдавците, но во иднина можеме да бидеме сите ние. Ова не` засега сите нас. Сите оние кои и малку размислуваат дека може да се разбере она што го прави Путин во Украина, треба да замислат дека секој може да биде жртва на националистички и агресивни сили на своите соседи.

Глас на Америка: Што договоривте со тамошните власти?

Емил Кирјас: Се договоривме повеќе за координација. Тие навистина имаат потреба од помош и подршка, за да се дознае нивната вистина. Веројатно гледачите во Македонија ќе сфатат што значи да ви требаат пријатели, кои што ќе ви помогнат за да се осознае вистината за вашата земја и за трагедијата во која што живеете. Се договоривме како можеме да ги подржиме понатаму да добиваат подршка и помош не само во воена техника, туку и во економска подршка, туку и во психолошка подршка. Тие ќе се соочат со трауми од војната, со која ќе мора да се справат, како ќе минуваат месеците и годините. Но, исто така, како да им помогнеме и во презентирањето на нивната вистина во нашите земји и пред граѓаните во светот, кои ќе бидат индиректни жртви на оваа руска агресија.