Украина ги повика жителите во близина на нуклеарната централа да се евакуираат

Украина ги повика жителите кои живеат во областите окупирани од Русија во близина на нуклеарната централа Запорожје да ги напуштат тие места заради сопствена безбедност.

„Апелирам до жителите на окрузите во непосредна близина на нуклеарната централа Запорожжја... евакуирајте се! Најдете начин да стигнете до украинска контролирана територија“, рече вицепремиерката Ирина Верешчук за Телеграм.

Во посебна објава на Телеграм, протераниот украински градоначалник на Енерходар, главниот град што ја опслужува централата, рече дека е под оган од руските сили и дека градот немал електрична енергија.

И Москва и Киев со недели се обвинуваат меѓусебно за гранатирање на нуклеарната централа, најголемата во Европа, ризикувајќи нуклеарна катастрофа слична на онаа во централата во Чернобил во Украина во 1986 година.

Во вторникот, Рафаел Гроси, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, рече дека континуираните напади врз нуклеарната централа Запорожје се „неприфатливи“ и тој повика да се создаде демилитаризирана област во и околу објектот. Гроси и тим инспектори на МААЕ го посетија местото минатата недела.




Некои информации за овој извештај се од Associated Press, Agence France-Presse и Reuters.